Вардарци беа подобри од Бутел со 32-20, додека Целје во неизвесен меч минимално го совлада Алкалоид со 29-28

РАКОМЕТЕН ТУРНИР „СТРУГА 2022“

Екипата на Алкалоид предводена од тренерот Кирил Лазаров во неизвесен натпревар до самиот финиш минимално загуби со 28-29 (15-15), од словенечкиот претставник и поранешен европски првак Целје, на јубилејното 50. издание на меѓународниот ракометен турнир во Струга, сега познат под името „Вангел Баљукоски-Баљук“, на кој настапуваат вкупно осум екипи. Александар Стојков со пет гола и Мартин Серафимов со четири беа најпрецизни кај Алкалоид, а кај Целје доминираше Тилен Стрмљан со пет погодоци. Поради меѓусебен вербален дуел, тренерот на Алкалоид и на македонската репрезентација, Кирил Лазаров, и тренерот на Целје, Алем Тоскиќ, пред крајот на првото полувреме добија црвен картон, по што мораа да ја напуштат тренерската клупа. За Алкалоид ова е втор пораз по оној од Вардар во првото коло, додека Целје ја забележа втората победа, по успехот над Бутел ден претходно.
Вардар убедливо го совлада скопски Бутел со 32-20 и има максимален ефект по два одиграни меча. Младиот Ален Ќосески беше најефикасен кај вардарци со шест погодоци, додека Дејан Манасков, Филип Талески и Куни Моралес реализираа по пет. Кај Бутел се истакна Мирко Мајиќ со седум гола. Во последното коло од групната фаза, синоќа Вардар и Целје требаше да играат во рамките на третото коло од групата Б, а победникот од овој меч ќе биде и првиот финалист на турнирот.
Во групата А, словачкиот претставник Татран Прешов славеше над грчки АЕК од Атина со 25-21. На годинашново јубилејно издание, екипите се поделени во две групи. Во групата А се АЕК, Еурофарм Пелистер, Струга и Татран Прешов, а во групата Б се Алкалоид, Бутел, Вардар и Целје. Г.И.


Резултати, втор ден

Алкалоид – Целје 28-29
АЕК – Татран 21-25
Вардар – Бутел 32-20

Двојки, трет ден (вчера)
Струга – АЕК
Е. Пелистер – Татран
Целје – Вардар