Израелскиот систем за противвоздушна одбрана познат како „Железната купола“ ги пресретнал речиси сите од околу 1.100-те ракети што биле упатени кон населените места во текот на тридневните борби со палестинските милитанти, со што биле избегнати жртви меѓу населението во Израел, наведува весникот „Тајмс ов Израел“, додавајќи дека системот „постојано се подобрува“.
Израелската „Железна купола“ претставува систем за противвоздушна одбрана развиен од израелски компании со финансиска и технолошка поддршка од САД. Системот првпат ставен во употреба во 2011 година, е дизајниран да ги сопре ракетите со краток дострел и артилеријата истрелани од Газа. А два засебни системи, познати како „прачката на Давид“ и „Стрела“ се создадени за закани од среден и долг дострел, вклучувајќи авиони, дронови и ракети.
„Железната купола“ се потпира систем за радарска контрола и анализа за одредување на заканата од ракетите што надоаѓаат и да истрела т.н. пресретнувач ако има ризик ракетата да погоди населено место или важна инфраструктура. Пресретнувачите кои се истрелуваат од мобилни единици или статично лансирно место се дизајнирани за да доведат до експлозија на надоаѓачката ракета во воздух.
Официјални лица од израелското министерство за одбрана, како и израелските медиуми, ја фалат способноста на системот за спротивставување на заканите. Израелските одбранбени власти и компании истакнаа дека системот досега спречил илјадници напади од ракети и артилерија со стапка на успешност поголема од 90 отсто, додека одредени аналитичари изразија сомнеж за статистиката. „Железната купола“ беше ставена на тест и во мај минатата година кога стотици ракети беа испалени од појасот Газа кон Израел по избивањето на судирите помеѓу Израел и Хамас.
– Без „Железната купола“ и другите системи што Израел ги воведе и ги усовршува, со цел за справување со ракети со краток, среден и долг дострел, животот тука би бил неодржлив. Израел не би можел да ги толерира непријателските напади и би бил принуден да следи поагресивна стратегија кон непријателот, со страшни последици – наведува израелскиот весник „Тајмс ов Израел“, посочувајќи дека системите сепак не се „херметички“.
Критичари „Железната купола“, пак, сметаат дека системот всушност го пролонгира конфликтот со Палестинците.
– Способноста на „Железната купола“ за штитење на Израелците од спорадични ракетни напади никогаш нема да стави крај на конфликтот и незадоволството кои создаваа мотивација за безмилосните напади. „Железната купола“ со текот на времето можеби ќе создаде повеќе штета отколку корист – напиша израелскиот политички научник Јоав Фромер за „Вашингтон пост“ во 2014 година.
Примирјето помеѓу Израел и Исламскиот џихад стапи на сила доцна синоќа, а израелската армија утринава објави дека ќе почне да ги укинува ограничувањата наметнати на жителите на областа во близина на границата на Појасот Газа. Благодарение на посредништвото на Египет, прекинот на огнот стави крај на тридневното насилство во кое загинаа десетици Палестинци.