Министерството за надворешни работи соопшти дека во јавноста повторно се појавија неточни информации за содржината на протоколот меѓу Македонија и Бугарија, кој треба да претставува записник од предвидената Заедничка меѓувладина комисија која произлегува од Договорот за пријателство и добрососедство од 2017 година.
– Во јавноста е пласиран текст на бугарски јазик, кој претставува стара и неконечна верзија, како дел од бројните сет идеи кои во минатиот период се разменуваа меѓу двете министерства за надворешни работи. Во овој чувствителен момент, сметаме дека пласирањето на овие неточни информации претставува тенденциозен обид да се наруши процесот на широки консултации за францускиот предлог за отстранување на ветото и продолжување на европските интеграции на земјава, кој во моментов е во финална фаза во Собранието на Република Северна Македонија – се наведува во соопштението од МНР.
Од МНР посочуваат дека „содржината на евентуалниот протокол меѓу двете земји, како записник од идната седница на Заедничката меѓувладина комисија, финално ќе биде усогласен на самата седница на оваа Комисија“.