Зошто веќе шести ден упорно протестираме за одбрана на нашата држава, одбрана на нашиот народ, одбрана на нашиот јазик, идентитет, култура и историја?
Во дваесет и првиот век, во 2022 година, на македонскиот народ му е ускратено правото на сопствена држава, на сопствено национално име и на сопствена култура. Нас, Македонците, сакаат да нè одродат, да нè укинат, да нè поништат, да нè избришат од картата на светските народи. Но тука не завршуваат нивните чудовишни намери. Тие сакаат Македонците да се откажат од себе со наш печат, со наше одобрение, со наши одлуки.
Токму таква одлука е оваа преговарачка рамка, предложена со договорот Ковачевски – Петков, погрешно наречена „француски предлог“, не е документ за почеток на преговорите, не е документ каде што „имаме чист македонски јазик“, не е документ што го штити македонскиот идентитет. Преговарачката рамка е вовед во ужас без крај, вовед во вечно тормозење и измачување на македонскиот народ, почеток на бугаризацијата преку европеизацијата.
Затоа сме тука, тука, браќа и сестри! Затоа со денови протестираме и ќе продолжиме да протестираме! Не му дозволуваме никому во наше име да нè брише, да нè ништи, да нè толчи. Нам, Македонците, отпорот и пркосот ни се во крвтa, во генетиката, во нашата де-ен-ка. За оваа наша Македонија сме се бореле со векови, сме крвавеле со генерации, сме ја сонувале со децении. И сме се избориле. Знаеле туѓинците да нè поробат, но ниту еднаш не успеале да нè покорат.
А ние, Македонците, сме пиреј. Како што вели нашиот Петре М. Андреевски: „Племето наше е пиреј и не го ништи ни една војска. Ама ти колку сакаш кошкај ја, корни ја, куби ја, таа пак не умира. Само малку да се допре до земјата, и пак ќе се фати, ќе оживи, ќе потера. Ништо не ја ништи таа трева.“
Ништо не го ништи Македонецот.
Пред цели пет години наша Македонија настрада од една бура. Тука беше доведен, беше наметнат, беше поставен некојси Зоран Заев. Тој човек нè излажа, нè измами, ни ги нагрди лицето и образот со проклетата „Северна…“, го потпиша неславниот Договор за пријателство со Бугарија и се откажа од Македонците од егејскиот дел на Македонија. Многумина од нас ги фати малодушност, многумина од нас навидум се откажаа од борбата кога безумната власт го погази своето ветување дека нема да има промена на уставното име, кога нашата волја од референдумот беше поништена. Но, како и по секоја бура, природата бавно, но сигурно си се обновува и за некое време веќе нема ниту една трага од страшната бура, а сите нешта си се вратиле на своето место. Така и овие протести покажуваат дека Македонија си се враќа на своите врвици.
Македонците се најприсутни кога сметаат дека ги искорениле засекогаш. Земете ги нашите Егејци, за нашите херојски сонародници. Им фрлаа напалм врз главите за да ги изгорат, ги бркаа од родните огништа за да ги изгонат, им даваа да пијат рицинус за да го исплукаат нивниот мајчин јазик, нашиот мајчин македонски јазик. И кога си помислија дека успеале, кога се понадеваа дека и матицата Македонија се откажала од нив, се случува чудо. Појдете ова лето низ селата и градовите на Егејска Македонија и ќе видите како трешти македонска музика и како гордо се пеат македонски песни, како се вијат македонски ора.
Нека ни бидат пример овие наши сонародници херои, нека ни бидат пример и нашите сонародници од пиринскиот дел на Македонија, на чии маки конечно нè потсетија Бугарија. Кој апсурд, која срамота, кое безумие… За говор на омраза нè обвинуваат оние што велат дека не постоиме. За прекршување на човекови права нè оптужуваат оние што одбиваат да го регистрираат ОМО Илинден Пирин, оние што не дозволуваат весници и радиостаници на македонски јазик.
Веќе шести ден гледаме, на нашиот сенароден протест, дека нам Македонците никој ништо не ни може кога маршираме во една колона.
Тука сме заедно Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци, Ерменци, Црногорци, Словенци, Хрвати, Унгарци, Полјаци, Чеси и Словаци, тука сме христијани, муслимани и Евреи, тука сме од ВМРО-ДПМНЕ, од Левица, од СПМ, од ДПСМ, ГРОМ, а секој ден со нас се и нашите сестри и браќа од ЛДП, ДС, ДОМ. Нашите дами секогаш биле најхрабри, па затоа со нас секој ден маршира и Весна Бендевска, некогашната пратеничка од СДСМ. Таа ги поведе во протест и социјалдемократите, кои не може да веќе да си ја препознаат оваа нивна испоганета, избугаризирана и одродена партија.
Маршираме под една колона, заедно и обединети!
А, се обидоа да нѐ скршат… Се обидоа и се обидуваат од петни жили. Завчера ни уфрлија насилници со качулки, вчера ни извадија пиштолџии и сакаа да предизвикаат меѓуетнички судир, сакаа крв и мртви. Но не нè скршија.
Сестри и браќа, вечерва сум многу емотивен и не само затоа што зборувам пред вас во овој зол час, во ова време невреме. Секоја вечер пред себе ги гледам сите знамиња на нашата Македонија. Знамињата на АСНОМ – знамето на македонската победа над фашизмот, знамето под кое јас сум роден. Знамињата со сонцето од Кутлеш – знамето на македонската независност, знамето под кое претседателот Киро Глигоров и пратениците од првото демократско собрание нè поведоа во слободата и демократијата. Државното знаме на Македонија, под кое ги испративме сите херои, војници и полицајци што овие години на македонска независност ги бранат нашата слобода, нашиот мирен сон и иднината на нашите деца.
Три знамиња, а една приказна, една историја, една нација, таа нашата – македонската.
Немаат крај бедата и кукавичлакот на актуелната власт. Денеска дискутирале на Влада и не собрале сила ни да понесат одговорност за своите постапки. Со месеци тајно и скришум, под превезот на мракот, како последни бедници и грешници преговарале, нè предавале и нè продавале. Се откажувале од македонскиот јазик, се откажувале од македонската историја, се обврзувале дека ќе го променат Уставот. Потоа, пак, нè лажеа дека не го виделе предлогот што го испреговарале, велат дека имале „чист македонски јазик“ во рамката. Сега овие арамии и страшливци ќе се обидат да го поминат овој документ во Собранието. Со денови многумина од Вас тука ме прашуваат „Што ќе правиме ако ја усвојат преговарачката рамка во Собранието“.
Наместо да ви одговорам, сакам оттука да им порачаме на Христијан Мицкоски, лидерот на опозицијата и на ВМРО-ДПМНЕ, на Димитар Апасиев, лидерот на Левица, на Љупчо Димовски, лидерот на СПМ, на Иван Стоиљковиќ, лидерот на ДПСМ, вие и вашите пратеници сте бедемот на македонската државност, а ние сите тука собрани, македонскиот народ, сме вашата тврдина, вашата заштита, вашиот ‘рбетен столб.
Не прифаќаме промена на Уставот по ниту една линија! Не прифаќаме промена на Уставот под бугарски диктат и присила! Не прифаќаме промена на Уставот како услов за почеток на преговорите со Европската Унија.
Да повторам – вие и вашите пратеници сте бедемот на македонската државност, а ние сите тука собрани, македонскиот народ, сме вашата тврдина, вашата заштита, вашиот ‘рбетен столб.
Времето на смут и раздор заврши! Ставаме точка на сите македонски понижувања. Ова лето Господово, 2022, ќе го помниме како летото кога Македонците ја започнаа последната борба за своја национална и социјална слобода, последната борба за својот јазик, историја и култура. Нека биде запаметено дека во јули 2022 година македонскиот народ се излеа на улиците за повторно да си ја врати сопствената држава.
Ивица Боцевски
(Извадоци од говорот на шестата вечер на протестите „Ултиматум – Не, благодарам“)