Фото: Принт-скрин

САД испраќаат ново оружје во Украина, вклучително и ракетни системи ХИМАРС, бидејќи сакаат да го продолжат конфликтот со сите средства, како и да ги компензираат загубите на Киев, се наведува во соопштението од Амбасадата на Руската Федерација во Вашингтон.

– Зад оваа одлука стои нескротливата желба на Вашингтон да го продолжи конфликтот по секоја цена и да ги компензира растечките загуби на националните баталјони и на украинските вооружени сили – се наведува во соопштението.

Руската амбасада посочи и дека „тезата на високи американски претставници дека Украина оружјето го користи за одбранбени цели е неодржлива“.

– Властите во Киев и националистичките формации користат оружје од САД за уништување градови во Донбас … Целта на Руската Федерација е да стави крај на теророт на режимот во Киев. Со своите постапки Вашингтон не го приближува мирот, туку ги турка украинските власти во нови крвави злосторства – се посочува во соопштението.

Американскиот претседател Џо Бајден вчера одобри нов пакет воена помош за Украина во висина од 400 милиони долари. Новиот пакет покрај четирите ракетни системи ХИМАРС, вклучува и муниција за артилерија од 155 милиметри, три тактички возила, радарски системи, резервни делови и друга опрема.

САД од јануари 2021 години досега има испратено воена помош за Киев во висина од околу осум милијарди долари, а Пентагон ветил 12 системи ХИМАРС, од кои осум веќе се во Украина.