Европо, ништо немој да ветуваш, твојот збор тежи колку зборот на пијаница дека веќе ракија нема да лизне. Така ветуваше и кога присилно ни го смени името, демек ќе си почнела да ни подотвораш врати за членство. Не сме ние некое племе недоквакано, а не сме ни Марсовци
Никогаш досега немам јавно коментирано политика, иако овде, всушност, и не се работи за неа. Се работи за еден дамнешен неотсонуван сон за комплетно асимилирање на една нација, мала по бројност, но голема по сите општочовечки, историски и културолошки параметри. Се работи за комплекс граден со децении, кој конечно доби европски ветер во крилјата и сега се престори во монструозна аждаја, која сака да го проголта мојот народ. Значи, вака…
Европо, нема да ти се обратам со „стара дамо“, зашто дама веќе одамна не си. Нема ни да ти персирам, оти персирам онаму каде што почитувам, а ти со последнава драмолетка конечно докажа дека мојот респект не го заслужуваш. Ќе ти се обратам со „мори“, чинам дека и тоа не е доволно пејоративно, но со оглед на тоа дека си станала обична „алапача“ што ѕирка во туѓи дворови и се меша како „вегета“ во туѓи тенџериња, убаво ќе ти легне. Европо мори, која си ти да ни кажуваш како да се викаме, како да се чувствуваме, како да зборуваме и како да живееме? Ако сме побарале да бидеме во твое друштво, не значи дека имаш право сите други да ги седнуваш во скутот, а со нас да си поигруваш и да ти служиме како пластелин за изживување. Не сме ние за мајтап, мори! Додека вие горе на север од нас (вие сте северни, а не ние, патем, па ајде да ве прекрстиме) сте биле крволочни неписмени племиња, ние тука на југот сме ширеле писменост, култура и традиција. Додека вие сте аздисувале до сабајле дрогирани и пијани, ние сме учеле и сме се надградувале, а нашата интелигенција и талент се разлеаја низ светот, од највисоки образовни институции, па сѐ до огромни технолошки компании – нормално, мори, ти тоа не можеш да го разбереш, оти твојата млада популација слабо оди на факултет, повеќе сака да живее од социјална помош и да раѓа деца што не знаат дали зборот „книга“ значи егзотично јадење или коњска опашка. Ќе пукнеш од мака Европо, знам, зашто Македонецот никој од вас не може да го натпее и надигра, а богами, ниту во фудбал да го тепа, па макар тоа биле неприкосновените „тешкаши“ Германија и Италија. Знам, болно е кога еден ситен и небитен Давид го растура како детска тропалка извиканиот Голијат, ама помири се со овој факт, мори: Не е силата во големината, туку во од Бога дадениот талент и македонскиот инает.
Зошто се согласуваш да шириш фашизам од најтежок можен вид, Европо? Со што толку те задолжи кутрата наша сосетка, та си тргнала да те јаде нејзиниот срам? Знаеш ли, Европо, дека во Бугарија одевме како царски деца, дека им носевме фармерки, завеси и мастики за џвакање, а за хулахопки ич да не спомнувам! Знаеш ли дека ако не им помагавме, од глад ќе изумреа, голи и боси ќе одеа? Сѐ си мислам, да не би да е некој од нивните денешни политичари и првенци момчето што стоеше и нѐ молеше пред влезот на ЦУМ да му купиме едно кило виршли и троа кашкавал „витоша“, оти тамошните не можеа, а ние можевме да купиме што и да посакаме таму? Та тогаш, иако сме му купиле, почнал да ја расте како цвеќе на злото љубомората во својата душа, сонувајќи дека еден ден ќе ни врати со лошо? Или, пак, може некој од нив или нивните родители работел како келнер во Петрич, па, иако секогаш сме му оставале бакшиш во висина на целата сметка за вечера (башка што си поткраднувал и самиот, допишувајќи уште сто работи во тоа тефтерчето, ама кој тогаш гледаше и проверуваше?), во него потајно растел гневот кон нас, па се зарекол дека кога-тогаш ќе ни се одмазди и ќе ни стапне на вратот? Фрустрациите се страшна работа, мори, знаеш? Се таложат и тлеат како најсилен отров во луѓето, па избиваат во најлош момент и рушат кули пред себе, желни за туѓа, невина крв. И ти сега ги потпираш и лечиш врз нас само нивните фрустрации, Европо, или и своите, а? Второто ќе да е, галиба…
Брцни во тоа торбата наречена „ЕДНАКВОСТ И ПРАВДА ЗА СИТЕ“ и излези со издржани аргументи пред фашистите и неразбраните трговци, та речи им да си ги гледаат својот двор и својата мака, а врз туѓото да не посегаат. Триесет години од животот ни изеде една друга фрустрација на една друга сосетка, која па душа немаше да докаже оти Александар бил Грк, а Македонија грчка. Немаме уште 30 години за фрлање, мори, неморална една, сакаме само малку раат, леб и понекоја убава песна за душа. Оти сме поарни од тебе, оти имаме празен џеб, ама срце пошироко од сите твои банкарски сметки и корумпирани политичари „на нивоу“.
Европо, ништо немој да ветуваш, твојот збор тежи колку зборот на пијаница дека веќе ракија нема да лизне. Така ветуваше и кога присилно ни го смени името, демек ќе си почнела да ни подотвораш врати за членство. Не сме ние некое племе недоквакано, а не сме ни Марсовци. Иако присилени да живееме во некој паралелен свет, без шанси за подадена рака (онака, чесно и пријателски), и понатаму ќе пееме најубаво, ќе раѓаме најумни и најнадарени деца и ќе ги полниме головите на твоите „јаки репрезентации“, таму некаде, на огромните стадиони без душа. Оти не се викаат „Тоше Проески“.
Имам уште многу да ти кажам, ама знам дека ни пола од ова нема да го сфатиш, стара бабо што сите внуци ги гали, само едното го тепа. Тоа најмалото, најубавото. Ама колку и да го тепаш, тоа пак ќе си порасне, ќе се разлее како божји благослов и ќе биде украс во градината на овој свет. И затоа, извини вака, ништо лично, ама… ајде, гитла, доста ти беше!
(Авторката е долгогодишна соработничка на „Нова Македонија“)