Вака, со претходно поставените нејасни и извртени патокази за насоката во која се движи процесот, измешаните информации за самата содржина на текстот од предложениот договор со неговите интерпретации и прогнози за тоа како тој сѐ би можел да биде реализиран, стигнавме дотаму до каде што стигнавме. Таму каде што бевме и кога требаше да се гласа за Охридскиот и за Преспанскиот договор, за територијалната поделба и за многу други нешта, за кои, пред и над сѐ, се потребни ладни глави. А ние деновиве, повторно, имаме вжештени глави, разлеани емоции, нескротливи амбиции и многу, многу калкулации штетни за државниот и за националниот интерес, дури и ако сето тоа има цел само да ја намали и да ја релативизира одговорноста на клучните политички фактори во државата…
Катастрофалниот начин на кој актуелната власт и нејзините преговарачи, цело време, на јавноста ѝ ги презентираат деталите од дијалогот за решавање на проблемот со Бугарија создаде неограничено поле за овој некултурен натпревар што деновиве го гледаме низ улиците на главниот град, но кој веќе подолг период силно го загадува целиот јавен простор во Македонија. Да не се залажуваме, актерски улоги во сето тоа немаат само „патриотите“ и „предавниците“, има тука и многу завидливи, лицемерни, отфрлени, болно амбициозни и по разни основи исфрустрирани и искомплексирани ликови, но и фигури што, повеќе или помалку основано, очекуваат дека добро ќе го наплатат ангажманот. Кај некои дури и се преклопуваат улогите. И тоа на двете страни.
Но веќе и самото отсуство на комуникациска стратегија кај Владата, која, во најмала рака, уште одамна требаше да ги вклучи главните опозициски партии во дефинирање на македонската позиција, беше доволно за експлозијата на револтот кај голем дел од граѓаните. Сите овие други, спорадични, но воопшто не и сосема наивни генератори на незадоволството, се нешто што константно е тука и што можело да биде искористено и во која било друга ситуација. Но тоа веќе е тема за психолозите, социолозите, криминолозите, експертите за безбедност…
Освен тоа, самата формулација „модифициран француски предлог“, кој власта го лансира или дозволи да биде лансиран во јавната дебата, а потоа и самата го прифати, е непростлива политичка и дипломатска грешка. Документите за кои станува збор поинаку се насловени и тоа би требало да биде кажано барем во официјалната употреба.
Одговорноста што власта ја дели со опозицијата, барем со оној нејзин релевантен дел, е што дозволија сите овие „спорадични елементи“ да бидат заплеткани во случајот и целиот процес да биде изложен на недозволивата пермутација така што прво ќе се конфронтира и протестира за потоа да се дискутира. Дури ни од оние најнаивните, а камоли од лидерите на опозицијата, не би требало да се очекува оти ќе поверуваат дека што било би можело да биде потпишано без да помине низ Собранието, каде што, нели, тие имаат завиден број гласови.
Вака, со претходно поставените, нејасни и извртени патокази за насоката во која се движи процесот, измешаните информации за самата содржина на текстот од предложениот договор со неговите интерпретации и прогнози за тоа како тој сѐ би можел да биде реализиран, стигнавме дотаму до каде што стигнавме.
Таму каде што бевме и кога требаше да се гласа за Охридскиот и за Преспанскиот договор, за територијалната поделба и за многу други нешта, за кои, пред и над сѐ, се потребни ладни глави. А ние деновиве, повторно, имаме вжештени глави, разлеани емоции, нескротливи амбиции и многу, многу калкулации штетни за државниот и за националниот интерес, дури и ако сето тоа има цел само да ја намали и да ја релативизира одговорноста на клучните политички фактори во државата, кои, наводно, сакаат по секоја цена сега да ја затворат темата без оглед на сѐ уште дискутабилните одредници.
Сето тоа, повторно, ја потенцира незрелоста на политичките елити во земјава, нивната неподготвеност, и од позицијата на власта и од позицијата на опозицијата, да ја преземат одговорноста и нивната неспособност да ги менаџираат процесите, внатре во земјава, но и на дипломатски план, каде што треба да се штитат интересите на државата и да се гради нејзиниот имиџ.
Конечно, потфрли и Европа, од каде што дојдоа пораки оти ако оваа шанса се пропушти, уште долго време нема да има друга понуда. Зарем Македонија, по сите напори и отстапки, го заслужува тоа? Не, Македонија заслужува многу повеќе и од Европа и од нејзините политичари и дипломати. А пред сѐ од сопствените.