Фото: Приватна архива

Имаме најмалку по 1.500 позитивни на дневно ниво. Се тестираат само тие што имаат симптоми и се загрижени за здравјето, вели Пановски

Додека болниците се празни и нема висок број на хоспитализирани и нема смртни случаи кои настанале како последица од ковид-19 нема потреба од воведување на мерки за заштита од ширење на вирусот. Ова е проценката на микробиологот проф. д-р Никола Пановски, кој за „Нова Македонија“ го коментира порастот во дневната статистика на новозаразени од ковид-19 во земјава.

Иако изминатите месеци бројките на дневна основа се движеа под 100, сепак, последната недела, тие надминуваат и 200 новозаболени.

Во соседните земји ширењето на вирусот се зголемува, особено во Албанија и во Грција и тоа на местата кои важат за турстички центри, а во кои голем број Македонци ги поминуваат своите годишни одмори.

Фото: Архива

– Мерките требаше да се фокусуираат на ризичните групи на луѓе. Во насока на сугестија да не одат на места и хотели со гужви, да стават маска каде што има потреба, односно каде има поголема концетрација на народ. Возрасните и хронично болните треба да се чуваат и да се вакцинираат. Младите нема потреба да се ограничуваат, зашто најголем дел од нив, веќе неколку пати го има прележано вирусот. Сепак, ќе видиме каква ќе биде состојбата во наредните месеци – посочува Пановски.

Додава дека бројот на позитивни случаи е поголем од тој во официјалните статистики, зашто не се тестираат сите.

– Имаме најмалку по 1.500 случаи на позитивни на дневно ниво. Се тестираат само тие што имаат симптоми и се загрижени за здравјето – додава тој.

Д-р Злате Мехмедовиќ, портпаролот на Комисијата за заразни болести вели дека засега здравствениот систем може да одговири на сите потреби на граѓаните, па затоа во моментов нема потреба на воведување на дополнителни мерки за заштита од ширењето на ковид-19.

– Мерките се носат според неколку критериуми, а тоа е бројот на новозаразени, бројот на хоспитализирани и на починати. Во моментот состојбата е стабилна. И околните земји не воведуваат нови мерки, ниту, пак, ги промениле условите за влез и излез од државите. Ја следиме состојбата – посочи тој.

Фото; МИА

Комисијата за заразни болести на денешниот состанок ги разгледа заклучоците од Националната комисија за имунизација, во врска со почеток на вакцинација со четврта доза на вакцина против ковид-19.

– Четврта доза може да примат лицата над 18-годишна возраст, кои примиле три дози вакцина против ковид-19. Граѓаните од денес можат да се обратат во вакциналните пунктови, за што не е потребно закажување. Вакцинацијата со четврта доза е предвидено да се спроведува со мРНА вакцина на Фајзер или Модерна. Препорачаното растојание меѓу трета и четврта, односно бустер доза е најмалку четири месеци – соопштија од Комисијата.