Од денеска нови цени на електричната енергија

Од денеска почнува тарифната реформа за пресметка на цената на струјата со која надлежните сакаат да се поттикне рационално и ефикасно користење на електричната енергија. Тоа значи еден вид праведен данок, оние што трошат помалку да плаќаат помалку, за разлика од оние што трошат повеќе, кои ќе плаќаат повеќе. Гледано низ бројки, киловат-час во високата (скапа) тарифа досега чинеше 7,3 денари, а отсега ќе чини 7,7 денари, додека во ниската (евтина) тарифа киловат-час чинеше 3,67 денари а сега ќе чини 3,99 денари. Евтината тарифа останува од 22 часот до 7 часот наутро, а блок-тарифите важат само за скапата струја.
Но наспроти ваквите објаснувања на надлежните дека сето ова се прави во интерес на граѓаните, останува впечатокот дека малку кој ги разбира понудените бројки, тарифи, блокови и начините на нивно пресметување. Во таква ситуација, малкумина ќе знаат да се снајдат дури и со понудениот калкулатор за пресметка на потрошувачката, кој е објавен на страницата на РКЕ.
И некои од експертите се согласни дека голем дел од луѓето не разбира што значи новиот тарифник и дека граѓаните ги интересира колку треба да платат и зошто се нивните сметки повисоки.
Според Регулаторната комисија, цената на струјата од денеска во просек ќе се зголеми за 7,4 проценти. Поскапување на киловатите ќе има кај сите домаќинства, и оние што се во првиот и оние од последниот блок. Регулаторната го објави новиот тарифник, според кој потрошувачите од првиот блок ќе добијат најмало покачување од 5,5 отсто, а највисоко оние од четвртиот – близу 139 отсто. Eвтината тарифа поскапува за 8,69 отсто.
Од Регулаторната покачувањето го правдаат со барањата на енергетските компании, трошоците за набавка и укинувањето на кризната состојба.
Новина е што евтина тарифа ќе се воведе и за фирмите, а цената на индустриската струја ќе чини половина од моменталната цена на слободниот пазар.
Со намера да им помогнеме на нашите читатели, направивме споредбена анализа на досегашниот начин на плаќање и новите пресметки на потрошената електрична енергија. Анализата покажува дека новата пресметка ќе биде посложена во споредба со досегашните. Цената на киловат-час е условена од висината на потрошувачката во скапа тарифа. Односно според тарифните блокови, потрошената електрична енергија ќе се пресметува на овој начин – за период од 30 дена:
Сепак, според експертите што учествуваа во формирањето на новите тарифи, сето ова е прифатливо во оваа форма, но тие остануваат отворени за сите сугестии и предлози од страна на граѓаните и компаниите. Според она што беше соопштено при нивните настапи во медиумите, се очекува за одреден период да се направи пресек на состојбите и да се разгледаат сите пристигнати сугестии за да се направат неопходните интервенции и тарифниот модел да биде целосно приспособен на реалните потреби и барања на потрошувачите. Д.Ст.


Нова методологија за пресметување на цената на електричната енергија

• Во скапа тарифа до 210 kWh цената ќе биде 7,72 денари за kWh.
• Во скапа тарифа од 210 kWh до 630 kWh – 8,08 денари за kWh.
• Во скапа тарифа од 630 kWh до 1050 kWh – 8,66 денари за kWh.
• Во скапа тарифа над 1.050 kWh – 17,48 денари за kWh.
Евтината тарифа во однос на пресметката останува по старо, нема тарифни групи, а цената на евтината тарифа од 3,67 денари поскапува на 3,99 денари.
Според новата пресметка на потрошената електрична енергија, можни се четири варијанти за замислени сметки што ќе ги плаќаат домаќинствата, а предвид е земен податокот дека 60 отсто од потрошената струја е во скапа, а 40 отсто во евтина тарифа.

Варијанта 1 – 200 kWh

Домаќинствата што досега трошеле 200 kWh месечно (120 kWh во скапа тарифа и 80 kWh во евтина) според старите пресметки плаќаа 1.414 денари, и тоа:

• 878,4 денари за виска тарифа
• 293,6 денари за ниска тарифа
• 58,6 денари за ДДВ
• 184 денари за комунална такса

Според новата пресметка ќе се плаќа 1.492 денари, и тоа:

• 926 денари за висока тарифа до 210 kWh
• 319,2 денари за ниска тарифа
• 62,28 денари ДДВ
• 184 денари комунална такса

Варијанта 2 – 400 kWh

Домаќинствата што досега трошеа 400 kWh месечно (240 kWh во скапа тарифа и 160 kWh во евтина) според старите пресметки плаќаа 2.645 денари, и тоа:

• 1.756,8 денари за висока тарифа
• 587,2 денари за ниска тарифа
• 117,2 денари за ДДВ
• 184 денари за комунална такса

Според новата пресметка ќе се плаќа 2.811 денари, и тоа:

• 1.621,2 денар за висока тарифа до 210 kWh
• 242,4 денари за висока тарифа од 210 kWh до 630 kWh
• 638,4 денари за ниска тарифа
• 125,1 денари за ДДВ
• 184 денари комунална такса

Варијанта 3 – 1.600 kWh

Домаќинствата што трошеа 1.600 kWh месечно (960 kWh во скапа тарифа и 640 kWh во евтина) според старите пресметки плаќаа 10.028 денари, и тоа:

• 7.027,2 денари за виска тарифа
• 2.348,8 денари за ниска тарифа
• 468 денари за ДДВ
• 184 денари за комунална такса

Според новата пресметка ќе се плаќа 11.131 денар, и тоа:

• 1.621,2 денар за висока тарифа до 210 kWh
• 3.393,6 денари за висока тарифа од 210 kWh до 630 kWh
• 2.857,8 денари за висока тарифа од 630 kWh до 1.050 kWh
• 2.553,6 денари за ниска тарифа
• 521,28 денар за ДДВ
• 184 денари комунална такса

Варијанта 4 – 3.200 kWh

Домаќинствата што трошеа 3.200 kWh месечно (1.920 kWh во скапа тарифа и 1.280 kWh во евтина) според старите пресметки плаќаа 19.874 денари, и тоа:

• 14.054,4 денари за виска тарифа
• 4.697,6 денари за ниска тарифа
• 937,6 денари за ДДВ
• 184 денари за комунална такса

Според новата пресметка ќе се плаќа 30.599 денари, и тоа:

• 1.621,2 денар за висока тарифа до 210 kWh
• 3.393,6 денари за висока тарифа од 210 kWh до 630 kWh
• 3.637,2 денари за висока тарифа од 630 kWh до 1.050 kWh
• 15.207,2 денари за висока тарифа над 1.050 kWh
• 5.107,2 денари за ниска тарифа
• 1.448,33 денари за ДДВ
• 184 денари комунална такса