СВЕТОТ Е СЦЕНА

Некои од познатите италијански музеи, поради финансиски загуби, одлучија да го понудат своето богатство во дигитален облик, што предизвика остра критика во јавноста.
– Не станува збор за вообичаена врвна копија направена во кинеските лаборатории, туку за ДАВ (дигитал арт ворк), аватар на оригиналот. Господа, каталогот е следен: Мантегна, Рафаел, Караваџо, Тицијан, Ботичели, Бронзино, Леонардо, Микеланџело, Липи, Сињорели, Каналето и многу други мајстори на кои светот ни завидува и кои сега може да се добијат (по висока цена) како дупликат – изјави еуфорично италијански „Кориере дела сера“ за настанот што требаше да го промени пазарот на уметнички дела, како и начинот на работење на светските музеи, но кој во меѓувреме стана предмет на жестока дебата во Италија.

Мразот го проби галеријата „Уфици“ со познатото дело на Микеланџело, „Тондо Дони“, кое славниот уметник го насликал помеѓу 1506 и 1508 година и е единствено негово дело во Фиренца. НФТ-верзијата на Микелнаџеловата тркалезна слика со приказ на Светото семејство ѝ е продадена на една госпоѓа од Рим за 240 илјади евра, која му го купила делото на својот сопруг, инаку страстен колекционер, како подарок за неговиот шеесетти роденден.

Музејот го подели приходот со компанијата „Кинело“, која патентира нов начин на изработка на дигитални факсимили на познатите слики. Дигиталните дела се произведени во димензии на оригиналното дело, целосно се единствени и отпорни на кражба, а секое дело доаѓа со потврда за автентичност, која ја потпишува Еике Шмит, директорот на „Уфици“.

Тој смета дека не станува збор за клон туку за „превод“ на оригиналот во технологија.
– Ваквите продажби може да придонесат за финансиите на музеите. Тоа не е промена на правецот во смисла на приходите, тоа е дополнителен приход. Ама за создавање ваков пазар треба време – вели Шмит.

Многумина изразија негодување поради распродажбата на ремек-делата на ваков начин. Се поставуваат прашања за тоа кој може да биде нивен сопственик, кој има законски права поврзани со делата, дали ако купувачот сака да го изложи делото треба да има дозвола од музејот, накратко, дали не се ризикува да се изгуби контролата над културното наследство во време кога сѐ повеќе се вртиме кон метаверзумот.