Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова изјави дека Украина повеќе не постои во своите поранешни граници, додавајќи дека тоа е „очигледно“.
– Украина, која сите ја знаевме во границите што постоеја претходно, повеќе ја нема. И нема да биде. Тоа е очигледно, рече Захарова во интервју за „Скај њуз Арабија“, на маргините на Меѓународниот економски форум во Санкт Петерсбург.
Испраќањето оружје на Украина ги води САД до војна со Русија, порача рускиот амбасадор во Вашингтон
Испраќањето оружје во Украина е пат кон конфликт меѓу Русија и САД, изјави рускиот амбасадор во Вашингтон Анатолиј Антонов.
– Кратковидоста на Американците е очигледна во сегашните околности. Опседнати со желбата да и нанесат стратешки пораз на Русија, локалните елити ги зголемуваат тензиите, пумпајќи оружје во режимот во Киев. Дали е навистина јасно дека тоа е патот до директен воен конфликт меѓу најголемите нуклеарни сили што ќе има непредвидливи последици? – се вели во написот на Антонов за „Њузвик“, чиј текст го објави руската дипломатска мисија.
Антонов вели дека плановите за санкции на САД против Русија исто така не функционираат.
– Непромисленото воведување рестрикции само ја влошува ситуацијата во американската економија. Односно, излегува дека во антируското лудило Вашингтон е подготвен да си пука во нога и да танцува во исто време. Тоа изгледа апсурдно – оцени рускиот амбасадор.