Фото: Архива

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ за вечерва најави антивладин протест во Скопје, на кој повторно ќе биде упатена пораката за предвремени парламентарни избори, додека владината коалиција утре ќе се состане за да ги потврди ставовите дека редовни избори ќе се одржат за две години.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски повика на масовен протест во 20 часот со цел, како што рече, обединување против лошата власт која ги загорчува животите на илјадници луѓе.

– Кога државата се соочува со предизвици, удари, со понижувања, со сиромаштија, одрекувања и порекнувања ВМРО-ДПМНЕ природно и разбирливо е предводник на знамето кое обединува, и тоа е обврската која јас ја прифаќам со чест и со целото мое срце. И ако праша некој зошто? Затоа што ВМРО-ДПМНЕ и јас нема да молчиме кога народот страда, кога чувствува несигурност, гнев и трпи понижувања. Тоа се работите кои без малку ги чувствува секој еден човек без разлика на верата и нацијата. Нема да молчиме бидејќи сега треба да бидеме гласни. И ние таа битка ќе ја водиме. И за таа цел вратите на народот се широко отворени. ВМРО-ДПМНЕ е партија на народот, но и главната сила која во периодот што следи ќе ги предводи промените – вели Мицкоски.

Тој синоќа на социјалните мрежи објави дел од подготовките за вечерашниот протест.

– Дел од подготовките за големиот масовен собир. Осветлено Скопското Кале. Скопје пулсира. Протест за промени! Затоа што навистина премногу е. Се гледаме Македонијо…Пред Влада, 20 часот! – напиша Мицкоски.

Од друга страна, премиерот Димитар Ковачевски најави дека в недела ќе има средба на коалициските партнери кои се дел од Парламентот и од Владата, на која меѓудругото ќе се реафирмира ставот за одржување редовни избори во 2024 година заедно со претседателските.

На таа средба, вели Ковачевски, секој ќе го каже своето мислење, а целта е да се направи рекапитуалција на се тоа што беше направено во однос на справување со кризата во изминатите месеци од формирањето на новата Влада.

Додаде оти ќе се осврнат и на важноста на водењето севкупни политики во државата во насока на задржување на стандардот на населението и унапредување на системот на Република Македонија и усогласување со системот на ЕУ.