Заборавените балкански сирачиња и европската маќеа

Каде ќе биде местото на Македонија во Европа по крајот на руската инвазија врз Украина? Се придвижија повторно запчаниците на немилосрдниот механизам на историјата и тие нема да запрат сè додека се ослободува оваа потисната енергија од претходната епоха. Живееме во време што нема разбирање за малиот човек и нема слух за приказните на малите народи. Историјата повторно се забрзува, контурите на светскиот поредок накратко се втечнети додека, пак, не се вкаменат. Токму овие периоди на европската и на светската историја доведоа до тоа „да рика во нас маката дека сме родени во смачкано племе“. Македонците не беа ни поканети да го кажат своето мислење кога европскиот поредок и картите на Европа се кроеја по Версај и Јалта, па, не дај боже, и овој пат да не бидеме на масата кога ќе се гради новата архитектура на континентот, а натаму тргнале работите.

Токму вчера можевме да видиме на дело како изгледа придвижувањето на запчаниците на историјата. Европската комисија препорача кандидатски статус за Украина и за Молдавија, но останува нејасно што ќе се случи со апликацијата на Грузија, која уште од самиот распад на Советскиот Сојуз си ги бара своето место и својата иднина во европските политички сојузи. Така, Европа започна да ја црта својата визија за светот по руската инвазија врз Украина, но и нејзините граници кон Русија. Не е јасно само дали Украина, Молдавија и Грузија влегуваат во европските интеграции во своите актуелни меѓународно признаени граници или, пак, ќе се почека сите овие три земји да постигнат конечен мировен договор со Руската Федерација, кој би вклучувал и конечно разграничување на нивните територии оспорени од Москва. Исто така, во Брисел има целосен молк околу Турција и нејзиниот од кон Европската Унија. Се чини дека европскиот политички простор ги исклучува Русија и Турција, и тоа на доста долг рок, но не знам колку воопшто е можно овие две големи култури да се исклучат од европскиот културен простор. Нејсе, историјата нè учи дека Европа и европскиот поредок никогаш не биле стабилни кога Русија и Турција не биле вклучени како негови интегрални делови и како стожерни европски сили, но изгледа дека Европската Унија одлучува да им пркоси на вековните закономерности. Наедно, нема подобра европска политика за промоција на слободата и демократијата во Русија и во Турција од отворената врата на Европската Унија за сите Руси и Турци, но и од отворената перспектива на овие две земји во европскиот круг.

Меѓутоа, клучното прашање за нас е што ќе се случува со Западен Балкан и кој ќе одлучува за нас. Да, во сите земји од регионот владее замор од проширувањето и веќе никој не му верува на Брисел. Предолго нашиот регион слуша за вредности, перспективи, патокази, за споделена иднина и за конечна судбина, па веќе ниту една излитена фраза тука не предизвикува никаква посебна возбуда. Можеби од бриселска перспектива дејствува парадоксално, но за балканските граѓани е сосема логично тоа што довербата во Европската Унија паѓа правопропорционално со средствата што се вложуваат во промоција на европската интеграција во регионот. Кога процесот ќе ја изгуби сета своја смисла, кога европската интеграција веќе нема да има никаква јасност, прозрачност или конечност и кога решенијата за внатрешните европски политички проблеми ќе се бараат со „тренирање строгост“ на Балканот, тогаш никој веќе не им верува на силните зборови и на свечените заклетви. Кандидатскиот статус за Украина значи дека Балканот е дефинитивно заборавен и дека којзнае по кој пат е фрлен на слеп колосек. Притоа, никој не смее да ги обвини балканските народи за изостанок на солидарност кон украинскиот народ или, пак, за кусогледост и недостиг од визија, а најмалку за некакви проблеми со степенот на демократска култура, верба во европските принципи или парохијалност. Не може ЕУ да биде кон некого мајка, а кон Западен Балкан маќеа и да очекува балканските народи да не се противат на оваа очигледна недоследност и неконзистентност на европската политика на проширувањето.

На Балканот, Косово и Босна немаат статус кандидат, Македонија и Албанија не можат да почнат преговори, а Србија и Црна Гора не можат да затворат ниту едно релевантно поглавје со Европската Унија. Дали ви треба подобра порака дека не сме посакувани и дека европската интеграција е мртва за земјите од Западен Балкан? Дали низ призмата на балканската европска интеграција одлуката на Европската Унија за доделување кандидатски статус за Украина и за Молдавија е лицемерна? Апсолутно!
Европскиот проект беше голем токму затоа што им понуди рамноправност на сите европски нации, прифаќање на сите европски народи како еднакви на масата и можност за секој европски граѓанин да си ја бара среќата на континентот. Од овие причини, политиката на проширување беше најдобра европска политика, внатрешна и надворешна. Тука лежеше и целата привлечност на Европската Унија за земјите од Балканот. Погрешна беше и европската опсесија со процесот на проширувањето. Промените, реформите и демократизацијата доаѓаат само како резултат на членството и на нагласената улога на Европа во внатрешните политики на земјите-членки. Проширувањето и преговарачкиот процес се само едно бирократска алатка што нема никаква магична прашина околу себе. Членството е клучна придобивка и клучна состојка за реформите.

Меѓутоа, актуелната состојба е контрапункт на досегашната европска политика на проширување. Во услови кога безмалку целокупната трговска размена на Западен Балкан е со Европската Унија, кога е олеснета постапката за заминување на нашите граѓани во Европа на работа или студии, а изостанува столче на масата во Брисел за овие земји, како полноправни земји-членки, тогаш нашите држави не личат на кандидати туку на современи колонии, заборавени балкански сирачиња на самата периферија на Европа, осудени на вечен лет во место… и тука е суштината на проблемот. Балканот ја плаќа цената на демократската казна на европските граѓани кон европските елити за пребрзиот од кон европската интеграција. Веројатно еден ден историчарите ќе проучуваат како францускиот и холандскиот референдум од 2005 година резултираа со погрешна европска политика кон Балканот, но во меѓувреме ние Балканците ја живееме оваа идна историја како сегашна сурова реалност.

Најискрено им честитам на Украинците за кандидатскиот статус, иако ќе бев многу посреќен доколку тоа се случеше многу порано, пред првиот руски тенк да ја мине украинската граница во 2022 година, поточно пред да биде испукан првиот куршум во кобната украинска 2014 година. Се надевам дека нивниот европски пат ќе биде многу побрз, појасен и поизвесен од несреќната македонска европска одисеја, иако не сум сигурен дека и нивната врвица ќе биде праволиниска и без бесконечни лутања низ бриселските и другите европски бирократски беспаќа. Јас и натаму сметам дека политички „Отворен Балкан“ не е доработен проект и дека навистина се потребни сериозни гаранции од Белград и од Тирана за другите земји од регионот. Но во овие услови може да се искористи скицата од европската интеграција за целокупно економско, политичко и културно обединување на регионот, со примена на целокупното европско законодавство во меѓудржавната балканска соработка.

Иднината им припаѓа на отворените економски, политички и културни простори. Доколку Европската Унија не е подготвена да ги прими земјите од нашиот регион како полноправни членки, тогаш барем со „Отворен Балкан“ може да ги покажеме нашата вредност, потенцијал и креативност. Нам, на заборавените балкански сирачиња, ни останува само да се расониме од сништата и од фантазиите, да ги заборавиме нашите веќе изживеани заблуди, па да се нафатиме самите да си ги суредиме нашите држави и нашиот регион.