Германскиот канцелар Олаф Шолц, францускиот претседател Емануел Макрон и италијанскиот премиер Марио Драги вчера ја посетија украинската престолнина Киев, во нивната прва посета по почетокот на руските борбени операции во земјата. Тројцата челници ќе разговараат со украинскиот претседател Владимир Зеленски за натамошна поддршка на Украина и за нејзината желба да стане членка на Европската Унија. Тројцата европски лидери го посетија Ирпин, град во близината на Киев, кој руските трупи го окупираа на почетокот на војната.
Соединетите Американски Држави ќе обезбедат нов пакет воена помош за Украина во вредност од околу милијарда долари, кој вклучува дополнителна артилерија, напредни ракетни системи и муниција, најави американскиот претседател Џо Бајден. Ова е најголемата поединечна испорака на оружје и воена опрема за Украина од почетокот на руската инвазија на 24 февруари.
Египетскиот министер за нафта, Тарек ал Мола, израелската министерка за енергија, Карин Елхарар, и европскиот комесар за енергетика, Кадри Симсон, потпишаа изјава за намери во Каиро во присуство на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен. Според договорот, Израел ќе доставува гас во Египет каде што ќе се товари и од каде што ќе се извезува во Европа.
Договорот доаѓа во „многу тешко време“ за ЕУ, за време на „војна на европска почва“, рече Фон дер Лејен.