„Газпром“ од вчера ќе испорачува максимално 67 милиони кубни метри гас, образложувајќи го чекорот со доцнење на работите на поправка на цевководот.
Енергетскиот концерн „Сименс енерџи“ во одговор на ова објави дека гасната турбина, чиј ремонт е вршен во Канада, моментно не може да биде вратена од Монтреал поради санкциите против Русија.
Најновото намалување на испораката на 67 милиони кубни метри гас значи намалување од околу 60 проценти во рок од два дена.
Германскиот министер за економија, Роберт Хабек, смета дека зад најавата на „Газпром“ не се кријат технички проблеми, туку очигледно „стратегија за предизвикување немир и покачување на цените“. „Моментално, гас на пазарите има, но цените се повисоки“, изјави Хабек.
Портпаролот на енергетскиот концерн „Унипер“ соопшти дека вчера стигнале 25 проценти гас помалку од договореното: „Засега, изостанатите количества ги дополнуваме од други извори, во постојан контакт сме со германската влада.“
И Италија, според наводи од тамошниот енергетски концерн „Ени“, завчера добила помалку гас од Русија.