Фото: Пиксабеј

Европската Комисија предлага на Украина да ѝ биде доделен статус на кандидат за членство во Европската Унија.

Претседателката Урсула фон дер Лејен изјави дека Комисијата предлага „на Украина да ѝ се даде кандидатски статус. Ова, секако, на разбирање дека земјата ќе спроведе бројни дополнителни реформи“.

– Од гледна точка на Комисијата, Украина јасно ги покажа аспирацијата и решеноста да ги исполни европските стандарди – додаде Фон дер Лејен.

Според ДПА, ЕК предлага статус кандидат за во ЕУ и за Молдавија.

Украина аплицираше за членство откако почна војната со Русија кон крајот на февруари. Потоа следуваа и барања за членство од Молдавија и Грузија.

– Украина јасно ги покажа аспирациите и одлучноста на земјата да живее во согласност со европските вредности и стандарди – изјави Фон дер Лејен во Брисел.

Таа наведе и дека Украина веќе применила околу 70 отсто од правилата на нормите и стандардите на ЕУ, но дека останува да се направи важна работа во областа на владеењето на правото, борбата против корупцијата и олигарсите и основните права.

– Процесот се заснова на заслуги, така што процесот целосно зависи од Украина, нагласи Лејен.

За време на нејзината изјава, фон дер Лејен носеше бои на Украина – жолто палто врз сина кошула.

Препораката на Европската комисија ќе биде разгледана од лидерите на 27-те земји-членки на самитот во Брисел следната недела.

За започнување пристапни преговори со една земја потребна е согласност од сите земји-членки на ЕУ.

Некои земји од ЕУ, вклучувајќи ги Холандија и Данска, се противат повеќе земји да добијат статус на кандидати за членство, но барањето на украинскиот претседател Володимир Зеленски доби поддршка од Франција, Германија, Италија и Романија, чии лидери го посетија Киев.


Украина и Молдавија засега нема да добиваат ИПА фондови

И покрај препораката за кандидатски статус во ЕУ Украина и Молдавија нема да влезат во претпристапните фондови, јави дописничката на МИА од Брисел.

Ова денес го потврдија високи извори во Европската Комисија, по најавата дека се препорачува Украина и Молдавија да станат официјално земји кандидати за членство во ЕУ.

– Нема автоматизам тука, претпристапниот инструмент ИПА има регулатива, било која промена мора да биде препорачана од Европската Комисија, а потоа да се преговара со Советот и Парламентот на ЕУ – објаснија експертите во Европската комисија.

За сега Украина и Молдавија ќе продолжат да добиваат средства од инструментот за земјите од соседството на ЕУ, а со тек на време се планира воведување на специфичен инструмент за реконструкција на Украина, кој нема да биде врзан ниту за претпристапните фондови за проширување, ИПА, ниту за инструментот за соседството на ЕУ.

– Ова не е нешто за што треба сега да бидеме загрижени, сметаат во Комисијата.

Претпристапните фондови ИПА 3 изнесуваат 14 милијарди евра за сите земји вклучени во политиката на проширување, Западниот Балкан и Турција.