Полициска акција во КПУ „Идризово“
Полициски службеници од Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал, Одделот за криминалистичка полиција, Одделот за специјални полициски операции – Единица за брзо распоредување и од СВР-Скопје, во координација со надлежен јавен обвинител од ОЈО-Скопје, како и со Управата за извршување санкции, спроведоа координирана полициска акција во КПУ „Идризово“. Според соопштението на МВР, акцијата е остварена во насока на „превентивно дејствување и спречување на вршењето кривични дела во казнено-поправните установи“.
Притоа се извршени претреси со цел пронаоѓање недозволиви или забранети предмети кај осуденици што се на издржување казна затвор. По добиена наредба од судија за претходна постапка, извршени се претреси во вкупно 25 ќелии во различни одделенија во КПУ „Идризово“.
– При претресите се пронајдени: поголема сума парични средства од законски дозволените што осудените лица можат да ги поседуваат во различни валути и апоени, педесетина мобилни телефони, компјутерска галантерија, 37 ножа и повеќе други остри предмети, дрога во прашкаста, течна состојба, таблетки и други предмети за кои постои сомнение дека се поврзани со кривични дела – изјави портпаролката на МВР, Сузана Прањиќ Талевска.
Дел од пронајдените предмети се одземени за понатамошна постапка од страна на Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал, додека другите предмети ѝ се предадени на затворска служба за понатамошна постапка.