Традиционалната манифестација во организација на домот на културата „Иван Мазов
Климе“ која од „Топол културен бран“ премина во „Кавадаречко културно лето“ свечено ќе биде отворена вечерва со почеток во 19 часот во месноста Моклиште во непосредна близина на споменикот „12 Ваташки младинци“.

Овој простор ресторан-тераса „12 Другари“ од минатата година претендиран да биде место каде што во топлите летни месеци ќе се случуваат интересни културни настани, концерти, театарски претстави, перформанси и многу случки наменети за помладата публика. Годинава на отворањето е предвидено да настапат членовите на фолклоорниот ансамбл „Тиквеш“, студиото за танц „Старс“ од Кавадарци, учениците од паралелките со посебни образовни потреби при ОУ „Страшо Пинџур“ и децата од градинката „Рада Поцева“.

Според зборовите на директорката на домот на културата Јулијана Туриманџова не очекува кавадаречко културно лето богато со многу културни случувања, кои во зависност од нивниот карактер ќе се случуваат дел во Моклиште, дел на градскиот плоштад и во домот на културата. Предвидени се концерти на класична музика, етно музика, гостување на камерниот оркестар од Битола, многу театарски претстави, ликовни изложби, настапи на диџеи за деца па дури и модни ревии за деца.

За љубителите на етно музиката го најавуваме првото самостојно концертно претставување на кавадаречката етно група „Дукена“ кое ќе се случи во недела на 19 јуни со почеток во 20 часот на платото пред црквата Света Петка во Кавадарци. Во етно групата „Дукена“ членуваат музичарите: Кристина Дончевска – вокал, Трајче Јанев – клавијатура, Александар Стојков – кларинет, Александар Илиев-кавал, Васко Ангелов-гитара и тамбура, Перо Тодоров-бас гитара, Јосе Андреев- тапани, Методи Глигоров- ударачки инструменти и пепи Ангелов – гитара. Ми.М.