„Елегија во пет здива“ е танц-театар базиран по мотиви од избрана поезија од Радован Павловски, Петре М. Андреевски, Михаил Ренџов, Ацо Шопов и Никола Маџиров.
Премиерната изведба е закажана за денеска, со почеток во 20 часот, на големата сцена на театарот „Јордан Х.К. Џинот“ во Велес.
– Трансформацијата на поезијата како уметничка форма што го користи јазикот за постигнување естетски квалитети и продлабочување на нејзината семантичка содржина, преточени во танцов перформанс, е главна задача на режисерот и кореографот. Во претставата се прикажани пет слики (пет здива), односно пет перформанси што имаат цел да создадат универзално разбирлив сценски јазик, доловен преку мултидисциплинарен пристап на подготовка и изведба преку комбинација на повеќе медиуми на сценско изразување како танц, нарација и физички театар. Актерите/танчарите во претставата ги користат сопствените тела како субјект и како медиум за отелотворување на дадена емоционална состојба. За подготовките на претставата, актерите/танчарите беа изложени на нов процес на работа, односно, работеа по техниката „вјупоинтс“, адаптирана од режисерите Ен Богарт и Тина Ландау, која служи како медиум за освестување на сетилата за гестикулација, движење и креативно изразување во просторот. Начинот на работа и апсолутната посветеност од страна на актерите за време на пробите овозможија за кореографскиот процес да се сведува на импровизација што придонесува кон автентичноста и оригиналноста на перформансите, кои одново се креираат и видоизменуваат со секоја наредна изведба.
Осврнувајќи се на ваква перформативна кинестетика, актерите/танчарите оформуваат сопствен и индивидуален пристап во движењето и ја будат свесноста на телото за можностите што ги поседува при создавање танцов вокабулар. Ставајќи акцент на формата, која во себе ги сублимира контрастите и различните дискурси што изведувачите ги поседуваат, тие меѓусебно се приспособуваат со цел да создадат оригинален сценски израз – информираат од велешкиот театар „Јордан Х.К. Џинот“.
Претставата е во режија и кореографија на Филип Петковски, а играат Васил Зафирчев, Симона Димковска, Наталија Теодосиева и Адријана Данчевска.
Костимографијата е на Антонија Гугинска Јорданоска, Маја Ѓуреска и Гордана Божиновска.
Проектот е финансиран од Министерството за култура.