Колку и да изгледа неразумно, за македонските граѓани завршувањето на т.н. француско претседавање ќе значи и вистинско олеснување, по долгогодишното исцрпувачко движење на европскиот пат, на кој по секој изминат метар и на секој следен свијок нè чека нова неизвесност. Без разлика на исходот, очекувањата на нашите граѓани дека некогаш ќе се најдат на заедничката европска маса се сведени на минимум. Особено што, по евентуалниот позитивен одговор во јуни, нè чека уште подолг и понеизвесен период, кој може да трае со децении. Колку ли само жртви ќе треба да „принесеме“ за да се задоволат бугарските националистички желби, можеме само да претпоставуваме, кога само за кревањето на првото вето бараат да го смениме нашиот устав
За два дена влегуваме во јуни, шестиот месец во годината. Името го добил според Јунона, едно од трите најголеми божества на римскиот пантеон, божица на Месечината и породувањето. Со време, таа станала божица на семејството, покровителка на Рим и заштитничка на целата римска држава. Имено, се верувало дека гуските чувани во нејзиниот храм на Капитол, со своето гакање ги предупредиле Римјаните за напад од страна на Галите, кои го опседнувале Рим. За месецот јуни имаме неколку свои имиња со симболичко значење. Кај народот тој е познат како жетвар, месецот кога се жетвените работи, кога се мери приносот од житото. За јуни има и други толкувања и значења, кои се обнародиле со текот на времето. За нашите сегашни услови, јуни добива некакво поинакво „митско“ значење. Наредниот месец е период во кој треба да ни се случат неколку настани, кои, според тврдењето на политичарите, треба да ја „одредат иднината“ на нашата држава! Дали на крајот од месецот ќе имаме и добар благодат, засега прогнозите не се најповолни.
Првата половина од годината, македонските граѓани и политичари ја поминаа во исчекување на веста за кревањето на ветото од Бугарија за почетокот на пристапните преговори на Македонија за зачленување во Европската Унија. Со почетокот на јунскиот месец, почнува „одбројувањето“ на последните денови од француското претседателство со Унијата, што од високите политички кругови во Брисел беше означено како краен рок за давањето последна шанса за процесот на проширувањето! Со секој изминат ден, како во песочниот часовник, зрно по зрно, ќе се топи и надежта дека на Македонија и македонските граѓани, по седумнаесет години од стекнувањето на кандидатскиот статус и тропањето на европската порта, конечно некој ќе се „охрабри“ и ќе им дозволи со една нога да влезат во предворјето на толку посакуваниот европски дом. Колку и да изгледа неразумно, за македонските граѓани завршувањето на т.н. француско претседавање ќе значи и вистинско олеснување, по долгогодишното исцрпувачко движење на европскиот пат, на кој по секој изминат метар и на секој следен свијок нè чека нова неизвесност. Без разлика на исходот, очекувањата на нашите граѓани дека некогаш ќе се најдат на заедничката европска маса се сведени на минимум.
Особено што, по евентуалниот позитивен одговор во јуни, нè чека уште подолг и понеизвесен период, кој може да трае со децении. Тоа значи дека уште долго ќе бидеме принудени да ги слушаме условувањата и апсурдните предлози од бугарските политичари, историчари и интелектуалци, за да ја придобиеме наклонетоста на официјална Софија, за повлекувањето на секое вето што ќе го ставаат на секое поглавје од преговорите. Колку ли само жртви ќе треба да „принесеме“ за да се задоволат бугарските националистички желби, можеме само да претпоставуваме, кога само за кревањето на првото вето бараат да го смениме нашиот устав! Затоа, пак, од Брисел и од Софија ќе ни делат лекции дека „и ние сме дел од Европа“, како што можевме да слушнеме и на трибината што беше организирана во главниот град на Македонија, од Националниот прес-клуб на бугарската агенција БТА во Скопје, кој, ете, беше отворен во духот на добрососедските односи меѓу Македонија и Бугарија.
По сѐ изгледа, односите на релацијата Скопје – Софија – Брисел подолго време ќе останат статус кво, но ставовите на македонските политичари околу идните надворешни политики, барем што се однесува до нашето интегрирање, се некако недефинирани. Како што може да се забележи од изјавите на главните политички фактори во земјата, темата за Европската Унија сè повеќе го губи значењето во нивните јавни настапи. Од премиерот Димитар Ковачевски се преповторува ставот дека „земјата повеќе не се врзува со датуми, бидејќи, како што вели, почетокот на ЕУ-преговорите повеќе не зависел од напредокот на државата“.
За нашите сегашни услови, јуни добива некакво поинакво „митско“ значење. Наредниот месец е период во кој треба да ни се случат неколку настани, кои, според тврдењето на политичарите, треба да ја „одредат иднината“ на нашата држава! Дали на крајот од месецот ќе имаме и добар благодат, засега прогнозите не се најповолни
Опозицискиот лидер Христијан Мицкоски предупредува дека недобивањето датум ќе влијае врз кредибилитетот на Европската Унија, а во исто време побара „почеток на преговори, ама без понижувачки отстапки“. Поранешниот претседател на државата, Бранко Црвенковски, на трибина организирана од страна на Советот на амбасадори на темата „Предизвиците на македонската надворешна политика“, даде силна поддршка за иницијативата „Отворен Балкан“, гледајќи излез од блокираната евроинтеграција во регионалната соработка. Дали вака искажаните ставови на политичарите се и најава за идното „благо свртување“ на македонската надворешна политика кон други регионални иницијативи, останува да видиме во периодот што следува. Веќе за оваа недела во Охрид се најавуваат големи работи за иницијативата за регионално поврзување меѓу Македонија, Албанија и Србија. Засега, од македонска страна придобивките ги гледаат во можноста камионите натоварени со лубеници да ги поминуваат границите на Балканот побрзо и поефикасно без долгите царински процедури!
Се чини дека за многумина македонски граѓани и овој јуни нема да донесе ништо ново и како и во претходните години тоа ќе биде месец кога се прибира летнината. За другите што не се засегнати со земјоделските работи, тоа е период кога може да се летува на некои од плажите во Грција по пониски цени за сместување. Па затоа, за нив прашањето да се оди на одмор во јуни или следните летни месеци е поважно од исходот на француското претседавање и дилемата „да се биде или не дел од Европа“!