ОДБОЈКА – ЕВРОПСКА СРЕБРЕНА ЛИГА
Македонската машка репрезентација со победа на мечот со БиХ го почна седмиот настап во Европската сребрена лига и го забележа 39-от триумф во 55-от меч во тоа натпреварување
Ова ми е една од најдрагите победи во македонскиот дрес. Пред натпреварот како да имав чувство дека првпат играм во репрезентација. Имаме тројца млади одбојкари, па затоа ние постарите треба малку да се аклиматизираме, да бидеме ментори, а сакаме и да одиме на фајналфор-турнирот, по седми пат. Сакам да ја пофалам репрезентацијата, оти ја покажавме вистинската слика, имавме одлични два-три блока во одбраната, а и одлично сервиравме. Благодарност и до публиката што нѐ поддржуваше. Ова е, сепак, прв натпревар и прва победа и затоа нема залетувања, одиме понатаму чекор по чекор. Секој освоен сет ќе биде плус за нас, изјави капитенот Никола Ѓоргиев, по триумфот на мечот со БиХ, со 3-0 (25-16, 25-17, 25-23), во Скопје, во 1. коло на годинашнава Европска сребрена лига.
Следниот натпревар Македонија треба да го игра утре на гости кај Романија, која во првото коло ја совлада Албанија на гости со 3-1.
За Македонија ова беше 77. победа во 172-от официјален натпревар, а 39-та во 55-от меч во Европската сребрена лига. Со победа дебитира и новиот селектор на Македонија, Ратко Павличевиќ. Капитенот Ѓоргиев оствари 25 поени, Филип Маџунков и Филип Савовски имаа по осум, Горан Илиев седум…