Санкциите против руските олигарси, банки и компании би можеле да бидат укинати доколку рускиот претседател ги повлече своите сили од Украина и вети дека повеќе нема да напаѓа – изјави денеска британската министерка за надворешни работи Лиз Трас.
– Санкциите би можеле да бидат укинати само по целосен прекин на огнот и повлекување, но и со обврска да нема повторени агресии. И секако, можеме веднаш да ги вратиме санкциите – рече Трас.
Додека руските сили се борат во Украина, нејзината изјава може да биде можен поттик за Владимир Путин да ги намали загубите и да се согласи на договор со Украина – пренесува Хина.
Во интервју за „Сандеј Телеграф“, Трас рече дека е формирана „преговарачка единица“ во Форин Офисот за да помогне во можните мировни преговори.
По еден месец војна, Москва посочи дека може да ги намали своите амбиции во Украина и да се бори само за контрола на Домбас.