Објавена листа на најсреќни земји за 2022 година
Според извештајот на Обединетите нации, петта година по ред Финска е најсреќната земја во светот. Светскиот извештај за среќа го објавува Мрежата за решенија за одржлив развој на ОН, која се базира на податоци од глобално истражување на луѓе од околу 150 земји.
Пандемијата, конфликтите и растечката неизвесност го доведуваат светот до работ, но има и добри вести за човештвото, добротворството расте на глобално ниво.
Петта година по ред, Финска е најсреќната земја во светот, според Светскиот извештај за среќа, кој во голема мера се заснова на животните процени од истражувањето на организацијата „Галуп“.
Нордиската земја и нејзините соседи Данска, Норвешка, Шведска и Исланд се многу добро оценети за мерките што ги користи извештајот за да ги објасни своите наоди: животен век, БДП по жител, социјална поддршка во време на неволја, ниска корупција и висока социјална доверба, великодушност во заедница каде што луѓето се грижат еден за друг и слободата да носат клучни животни одлуки.
Втора на годинашното рангирање е Данска, а трет е Исланд. Шведска е седмата, а Норвешка осмата најсреќна земја. Швајцарија, Холандија и Луксембург се рангирани од четвртото до шестото, додека Израел е на деветтото место. Листата Топ 10 ја комплетира Нов Зеланд.
Во топ 20 најсреќни земји се најдоа Австрија и Австралија, кои ги зазедоа 11-то и 12-то место, а потоа Ирска и Германија на 13-то и 14-то место. Петнаесеттото место на листата на најсреќни земји ѝ припадна на Канада, а САД го зазедоа 16-то место. Веднаш зад нив се најде Велика Британија, а потоа Чешка, Белгија и Франција.