Фото: Игор Бансколиев

Македонија и Италија денеска почнуваат со подготовки за меѓусебниот полуфинален меч в четврток од плејофот за пласман на СП 2022. „Не одиме таму на прошетка. Напротив, ќе се обидеме да одиграме најдобро што можеме и да ги изненадиме. Станува збор за еден натпревар, тие ќе бидат под многу поголем притисок од нас, ние ќе играме растоварено, немаме што да загубиме, а можеме многу да добиеме“, вели Милевски

ФУДБАЛ – СОБИР НА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА ЗА ПЛЕЈОФОТ ОД КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ПЛАСМАН НА СП 2022

Македонија и Италија денеска во своите бази, во Скопје, односно во Коверчано, ги почнуваат мини-подготовките за меѓусебниот полуфинален натпревар в четврток (20.45 часот) во Палермо, во плејофот за пласман на фудбалското Светско првенство (СП) годинава во Катар. Влогот е голем, настап во завршницата на СП доцна наесен, до кој треба да се поминат две пречки и да се забележат две победи, во првиот меч, а потоа и во следниот, на 29 март, на гости, против подобриот од дуелот Португалија – Турција. Ждрепката на групите на СП 2022 треба да биде влечена на 1 април.
„Азурите“ се во предност. Тие се актуелни европски прваци, со реално поквалитетни и поискусни играчи, и згора играат на свој терен. Но сигурно ги загрижува тоа што освоија само два бода на решавачките натпревари во квалификациите, дома против Швајцарија (1-1) и на гости против Северна Ирска (0-0). Македонија имаше одлична квалификациска кампања за СП (беше втора во групата, зад Германија) и до плејофот стигна со двете големи победи во групата, над Ерменија (5-0) и Исланд (3-1) лани во ноември. Италија е голем фаворит во овој меч, но ќе биде под голем притисок, за разлика од Македонија која нема што да загуби и ќе треба да ужива во натпреварот, како што вели селекторот Благоја Милевски.
– Не одиме таму на прошетка. Напротив, ќе се обидеме да одиграме најдобро што можеме и да ги изненадиме. Станува збор за еден натпревар, тие ќе бидат под многу поголем притисок од нас, мора да победат, што се вели. Ние ќе играме растоварено, немаме што да загубиме, а можеме многу да добиеме – вели тој.
Првата прозивка на македонските репрезентативци беше закажана за синоќа, а првиот тренинг е предвиден за денеска попладне на терените на спортскиот центар на ФФМ, „Петар Милошевски“. Адис Јаховиќ, кој настапува за Гезтепе во Турција, поради повреда нема да биде во комбинација за мечот против Италија, а на неговото место селекторот Милевски го повика Ердон Даци, поранешен младински репрезентативец, кој настапува за белгискиот Вестерло и е најдобар стрелец во тимот, кој е лидер во Втората лига, информираат од Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).
Македонија и Италија досега одиграа два меча, двата во квалификациите за пласман на СП 2018. Првиот, во Скопје, во октомври 2016-та, заврши со победа на Италија (3-2), а на вториот, во октомври 2017 година, во Торино немаше победник (1-1). Во тој циклус, подоцна во плејофот за пласман на СП 2018, Италија беше елиминирана од Шведска.

МАНЧИНИ ПОВИКА 33 ФУДБАЛЕРИ

По тренинзите денеска и утре во Коверчано, италијанската репрезентација в среда ќе отпатува за Палермо каде што во попладневните часови ќе одржи краток тренинг на стадионот „Ренцо Барбера“. За „азурите“ ова ќе биде 16-ти натпревар во Палермо, а ефектот е 13 победи и по еден пораз и реми, со вкупна гол-разлика 35-8. Италија вкупно одигра 117 меча во квалификациите за СП, а на 59-те меча на домашен терен не е поразена, има 48 победи и 11 ремија, притоа постигнувајќи 147 и примајќи 27 гола. Под водство на Роберто Манчини, кој е селектор од мај 2018 година, Италија на 46 натпревари забележа 30 победи, 13 ремија и три пораза (од Франција и од Португалија во 2018 година и од Шпанија во 2021 година) за вкупно 103 поени (2,23 по натпревар).
Според италијанските медиуми, Манчини, кој на подготовките повика 33 фудбалери, но без Марио Балотели, Моисе Кин и Федерико Бернардески, има доста проблеми. Одамна испадна Федерико Киеза поради повредата на коленото, а под прашалник е и настапот на тандемот централни дефанзивци на Јувентус, Џорџо Кјелини и Леонардо Бонучи, кои претходните недели често отсуствуваа поради повреди. Тоа значи дека е можно Алесандро Бастони или Франческо Ачерби да се најдат во почетните 11, а Кјелини и Бонучи да бидат на клупата за резервни играчи. Бекот Џовани ди Лоренцо не го заврши мечот Наполи – Удинезе (2-1) во саботата поради повреда што е нова главоболка за Манчини.

МЕЧ ПРЕД ПОЛНИ ТРИБИНИ

Пред неколку дена беше потврдено дека стадионот „Ренцо Барбера“ во Палермо ќе биде исполнет целосно (капацитетот е 36.365 места) в четврток. До неодамна, поради ограничувањата за ковид-19, максималниот дозволен капацитет за натпреварите на отворено во Италија беше 75 отсто. Влез на стадионот ќе им биде дозволен само на оние што се целосно вакцинирани и кои ќе мора да носат заштитни маски.


ПЛЕЈОФ, ГРУПА Ц

ПОЛУФИНАЛЕ, ЧЕТВРТОК
1. Италија – Македонија 20.45 ч.
2. Португалија – Турција 20.45 ч.
ФИНАЛЕ, 29 МАРТ
Победник 2 – Победник 1 20.45 ч.