Како капитен до четвртото место во Европа

Јанков ја предводеше младинската репрезентација на Југославија, која стигна до четвртото место на Европското првенство. Со сениорите учествуваше на ЕП во Бугарија, а на Балканијадата во Ново Место освои златен медал. Еден период беше и во белгиски Генк, а по активното играње мина меѓу тренерите

ГОРАН ЈАНКОВ (2)

Горан Јанков, еден од најдобрите македонски одбојкари во минатиот век, со неполни 18 години стана стандарден во прволигашот Вардар, со кој во 1979 година го освои и Купот на Југославија. Неговите игри беа забележани и од селекторите, па така набрзо се најде во младинската, а потоа и во сениорската репрезентација на поранешна Југославија. Својот најголем репрезентативен успех го имаше како капитен на младинците, кога Југославија го освои четвртото место на Европското првенство во 1980 година во Португалија.
– Имавме добар тим, но ете и среќата во решавачките моменти ни го заврте грбот и не успеавме да се искачиме на пиедесталот. Сепак, бев многу горд, зашто бев предводник на една репрезентација од која произлегоа многу одбојкари што создадоа убава меѓународна кариера. Неколку од нив, меѓу кои бев и јас потоа ги браневме боите и на државниот сениорски тим – вели Јанков.

ВАРДАР ПОВЕЌЕ НЕ БЛЕСНА

Крајот од 70-тите и почетокот од 80-тите години беа најплодни во кариерата на Горан Јанков. Тој со Вардар го освои Купот на Југославија, а полека го отвори патот од младинската кон сениорската репрезентација на Југославија.
– Навистина овој период беше посебен за мене и вечно ќе се сеќавам на тие години. Единствено ми е жал што тогаш во Вардар, наместо по освоениот Куп во 1979 година работите да одат нагоре, тргнаа надолу. Многупати сум го кажал тоа, како некој намерно да нѐ влечеше и не ни дозволуваше резултатски да одиме уште погоре. Но иако бев млад, чувствував што се случува. Постојано имаше некоја борба за тренерското место, тогаш до израз доаѓаа и суетите на одредени личности инволвирани во одбојката, па сето тоа негативно се рефлектираше во Вардар. Мислам дека тука „лежи зајакот“, што во годините по 1980-та, иако имавме квалитет, не ги повторивме успесите од претходните години кога бевме и шампиони и освојувачи на Купот. Вардар повеќе никогаш не блесна… – продолжи Јанков.
Сепак, случувањата во Вардар не го попречија натамошниот од на Јанков. Тој постојано беше меѓу оние што конкурираа за сениорскиот репрезентативен дрес. Она што се случуваше дома, во Вардар беше едно, а она што се случуваше со репрезентацијата беше нешто сосема друго. Овде, тој можеше да се доискаже и да покаже дека е вистински следбеник на неговите претходници. Практично, тој го продолжи патот што го трасираа Богоевски, Тасевски и Србиновски и беше последниот од Македонија што настапуваше за сениорскиот југословенски тим. Потоа, дојдоа и некои други момчиња што играа за младинската репрезентација, а распадот на поранешната држава не им дозволи да го облечат и сениорскиот дрес.

ЗЛАТЕН МЕДАЛ ОД БАЛКАНИЈАДАТА

Јанков и љубителите на одбојката во поранешната држава доживеаја голема радост кога на Балканијадата во Ново Место беше освоен златниот медал. Малкумина го очекуваа тоа, зашто да се биде пред Бугарите и Романците, кои дотогаш триумфираа на овој регионален натпревар, беше голем успех.
– Победата во Ново Место некако нѐ осоколи и со големи амбиции ги чекавме новите предизвици. Јас, по она изоставување од олимпискиот список, сега бев стандарден и имаше моменти кога од мојата игра зависеше и крајниот резултат. Од тие репрезентативни години, покрај веќе споменатата Балканијада, во сеќавање ми остана уште и настапот за сениорската репрезентација на Европското првенство во Бугарија. Овде првпат учествував на еден ваков собир, иако со младинците бев капитен и четврти во Европа, сепак, ова беше нешто друго. Овде беше многу пожестоко, овде во вистинска смисла можеше да се почувствува силата на одбојкарските нации. Но и нашиот тим не беше за потценување, дури многумина нѐ вбројуваа и меѓу кандидатите за медал, со оглед на тоа што на претходните првенства освоивме два бронзени медала – вели тој.

НАЈДОБРАТА СЕЗОНА ВО СТРУМИЦА

Турбулентните години во Вардар, кога некоја невидлива сила, кога ќе тргнеа работите напред, го влечеше назад, придонесоа не само кај Јанков туку и кај другите играчи да дојде до разочарување.
– Во клубот имаше една комплетна дезорганизација и без надеж дека во Вардар ќе биде нешто подобро, ја прифатив поканата од ОК Струмица и се преселив во градот под Беласица. Да бидам искрен и не згрешив, можам да кажам дека таму ја имав мојата најдобра прволигашка сезона. Имавме добар тим, тука беа Мојсовски, З. Карановиќ, Танушев и уште неколкумина квалитетни играчи. Салата секогаш беше полна, амбиентот прекрасен, поддршката огромна. Противниците се прашуваа што е ова, што се случува во Струмица. А тука вистинска војна на теренот. Не смеевме да разочараме и секогаш одевме на победа. Тоа беше навистина нешто невидено – вели Јанков.
За пошироката југословенска јавност беше изненадување, но за оние што ги следеа околностите во одбојката во Македонија, добро знаеја дека Струмица е град на одбојката. Впрочем од неа излезе и големото име на македонската одбојка Никола Донев. Тој и Трифе Трифуновски беа првите Македонци сениорски репрезентативци на поранешна Југославија.

СО ВАРДАР ПРВ ПРВАК НА МАКЕДОНИЈА

Откако помина возбудливата и убава сезона во Струмица, Горан Јанков се врати во Вардар. Верувајќи на ветувањата од управата на кормилото на клубот дојде и Богоевски. Сите помислија дека се враќаат убавите денови.
– Но не беше така. Иако одигравме добра полусезона и бевме први во Првата лига, во која ги „газевме“ противниците, меѓу кои и неприкосновената загрепска Младост, која ја совладавме во драматична игра со 3-2, Вардар од организациски аспект, сепак, беше на стаклени нозе. Брзо се распадна и тој проект и се продолжи по старо – вели Јанков.
Јанков потоа заминува во војска, а откако се врати во 1987 година оди во Генк во Белгија, каде што во тој период имаше наплив од играчи од Источниот блок. Таму не остана долго и се пресели во Црна Гора, каде што стана член на Будванска Ривиера, во која, пак, тренер беше Тасевски. Но не можејќи да ги заборави убавите мигови од Струмица повторно заминува таму, за во 1991 година да се врати во Вардар во улога на тренер и играч. Но набрзо доаѓа до распад на поранешната држава, а со тоа и сиот систем на натпревари.
– Тогаш сите се организиравме во своите држави, а за мене посебно беше задоволството, кога со Вардар во конкуренција на четири клуба станавме првите шампиони во независна Македонија. Овој убав момент вечно останува врежан во мојата меморија – ја заврши својата спортска приказна Горан Јанков, еден од легендарните македонски одбојкари.