ФИЛМ+: Во едно интервју велите дека со „М“ сакавте да побегнете од ова милје и филмовите кои ги очекува Европа од Балканот. Дали тоа беше главната причина филмот да биде сместен во дистописка средина, а не да биде социјална драма поставена во денешно време?
Вардан Тозија: Судирот на површната комерцијала и „ниските страсти“ наспроти социјалните тематики и активистичкиот моментум во арт-хаус индустријата, стана поважен од филмската приказна и начинот на кој е раскажана. Мене ми е банално да гледам, а камоли да создавам опортунистички приказни што гравитираат кон еден од тие два правци. Само сакам низ жанровски пристап да пренесам приказна која е универзална, која ќе го задржи интересот на гледачот и низ таа оптика ќе пренесе затскриена порака или дилема. Да создадам филм каков што би сакал да гледам. Низ годините, главно, филмови со социјално обременети, тегобни балкански приказни станаа главен извоз за западните филмски фестивали. Не ги прифаќам очекувањата дека ова поднебје е дом исклучиво за толпа несреќници, а колку што слушам наоколу, тоа не го сака ни нашата публика. Мојот двигател е да создавам филмови во кои Балканот не е само место на дивјаци во опинци, жртви на примитивизам и распаднати картон-населби.
Целото интревјуто прочитајте го во новиот броj на ФИЛМ+, прилог во викенд-изданието на „Нова Македонија“.