Де Јонг објаснува дека тренинзите под водство на Чави се разликуваат по одредени елементи од оние на Куман, но намерата да се игра напаѓачки фудбал е постојана. „Многу работи се исти, бидејќи во Барселона секогаш се игра според одреден стил, кој не зависи од тренерот. Но секој тренер си има свои детали“, вели тој

ФРЕНКИ ДЕ ЈОНГ, ФУДБАЛЕР НА БАРСЕЛОНА

Холандскиот интернационалец Френки де Јонг, играчот од средниот ред на Барселона, во интервјуто за весникот „Гардијан“ зборува за неочекуваната СМС-порака од Сехио Бускетс, за животот без Лионел Меси и за тоа како новиот тренер Чави му помага во фудбалскиот развој. Набргу по потпишувањето на договорот со Барселона, Де Јонг добил порака од Бускетс во која тој му порачал да го побара доколку има некакви прашања или ако сака совет. Пораката од шпанскиот играч за врска не беше само внимателен гест туку извонреден, бидејќи беше објавено дека Де Јонг е купен за да го замени Бускетс, можеби не веднаш, но во одреден момент сигурно.
– Бускетс очигледно не гледаше така на тоа. Тој ми рече: „Одлично што доаѓаш, ако ти треба нешто, секогаш сум тука да ти помогнам“ – вели Де Јонг.
Три години подоцна, Бускетс и Де Јонг се постојани партнери во средниот ред во тимот, кој под водство на Чави Ернандез се надева дека ќе обезбеди место што води во Лигата на шампионите следната сезона.
– Сите сакаа да помогнат. Беше како да играат најдобрите и ти можеш да им помогнеш. Не е како некој друг да е виновен ако не играте. Имам чувство дека сите размислуваат така – вели Де Јонг.

Тој почна со часови по шпански јазик уште кога беше во Ајакс, за да може полесно да комуницира со новите соиграчи. Она што можеби му помогна беше тоа што тој ја познаваше новата околина. Како младо момче, тој поминал неколку летни одмори со семејството во кампот во близината на Л’Ескала, во Каталонија. Повремените посети на „Ноу камп“ како да значеа дека тоа е неговата дестинација од соништата. По две и пол години како стандарден во тимот, Де Јонг има чувство на задоволство, но не и на исполнетост.
– Многу сум среќен што сум во Барселона. Од мали нозе сакав да бидам тука, па, така, ова е остварување на сонот. Но би сакал да освојам повеќе трофеи отколку во првите две години – вели Де Јонг, кој постигна прекрасен гол од далечина на мечот против Наполи во Лига Европа (4-2).
Тој објаснува дека тренинзите под водство на Чави се разликуваат по одредени елементи од оние на Роналд Куман, кој беше отпуштен на крајот од октомври. Но намерата да се игра напаѓачки фудбал е постојана.

– Многу работи се исти, бидејќи во Барселона секогаш се игра според стил што не зависи од тренерот. Но секој тренер си има свои детали – вели тој.
Во Барселона, Де Јонг играше на неколку позиции, кај Куман дури и како центархалф, каде што се снајде добро. Но неговата најдобра улога е на средината од теренот, на поврзување на одбраната и на средниот ред, пробивање на првата противничка линија и растурање на нивната формација. Како пример за тоа е победата над Атлетико (4-2) пред две недели, веројатно најдобрата игра на Барселона сезонава. Де Јонг почна во средниот ред, но потоа се враќаше назад за да помогне во организацијата на играта, да го покрива бекот Жорди Алба, но и да се вклучува во нападот.
– Немам една позиција на која сакам да играм, но мислам дека сум најдобар кога сум почесто во контакт со топката – вели тој.


„Ниту една пофалба за Меси не е претерана“

Барселона мораше да се приспособи на отсуството на Лионел Меси.
– Ги чекав татко ми и брат ми на аеродромот. Потоа добив порака: „Меси ја напушта Барселона“. Малку подоцна добив индикации дека тоа навистина се случува. Во почетокот едноставно не можете да поверувате, иако цело лето се шушкаше. Но тоа никогаш не го земав предвид сериозно, па кога се случи беше шок. Тој беше лицето на клубот, па кога си замина, по сѐ што направи за клубот, беше тежок удар за сите. Уште ни недостига. Кога некој како него не е повеќе во клубот, тогаш работите одеднаш се многу поинакви. Кога имате таков играч во тимот, само се обидувате да го најдете што е можно повеќе. Играта е приспособена на него, што е логично. Кога си замина тој, мораше да се приспособуваме на тоа, како играчи и како тим. Тој е најдобар речиси во сите аспекти на фудбалот. Без разлика дали правевме вежби за завршување акција, за позиционирање или други тренинзи, тој беше најдобар. Ниту една пофалба за него не е претерана. За мене тој е најдобриот досега – рече Де Јонг.