Фото: Пиксабеј

Руската војска денеска најави „отворен и безбеден“ коридор за украинските цивили да го напуштат главниот град Киев, јави Би-би-си.

-Апелираме до жителите на Киев. Сите цивили во градот можат слободно да го напуштат главниот град на Украина по автопатот Киев-Василков. Уште еднаш, сакам да нагласам дека вооружените сили на Руската Федерација напаѓаат само воени цели, цивилното население не е во опасност – се вели во соопштението на руското Министерство за одбрана.

Но, според украинското Министерство за внатрешни работи најмалку 352 цивили во Украина се убиени од почетокот на инвазијата, меѓу кои 14 деца. Украинските власти ги обвинија руските сили дека гаѓаат цивилна инфраструктура, вклучително и станбени згради и училишта.

Соопштението од портпаролот на руската војска Игор Конашенков содржи тврдење дека украинската влада ги користи жителите на Киев како „човечки штит“, повторувајќи го тврдењето дека украинските „националисти“ распоредиле артилерија во станбени области на главниот град.

Репортерите на Си-ен-ен јавуваат дека на теренот во Киев виделе од прва рака украински цивилни доброволци – дури и членови на Парламентот – како земаат оружје и се подготвуваат за одбрана на главниот град.