Надал ја освои 91-та титула. Медведев по 18 години е првиот тенисер што е на врвот на АТП-листата, а да не е некој од т.н. голема четворка, Ѓоковиќ, Надал, Федерер и Мареј

ТЕНИС

Шпанскиот тенисер Рафаел Надал триумфира на турнирот во Акапулко (Мексико) без загубен сет. Во финалето тој го совлада Британецот Камерон Нори, со 6-4, 6-4. Оваа победа му донесе скок на АТП-листата, па од денеска ќе биде на четвртото место. За Надал ова е 91-та титула во кариерата и продолжи да му се доближува до Иван Лендл (94 трофеи), Роже Федерер (103) и Џими Конорс (109).
Со елиминацијата од Чехот Јиржи Весели во четврт-финалето на турнирот во Дубаи, Србинот Новак Ѓоковиќ не е повеќе на врвот на АТП-листата по вкупно 362 недели на првото место, што претставува рекорд. Него ќе го замени Русинот Данил Медведев, кој по 18 години стана првиот тенисер што е на врвот на АТП-листата, а да не е некој од т.н. голема четворка, Ѓоковиќ, Надал, Федерер и Енди Мареј.
Русинот Андреј Рубљов ја освои титулата на турнирот АТП 500 во Дубаи, победувајќи го Весели со 6-3, 6-4.