Руските пратеници денеска изгласаа ратификување на договорите на претседателот Владимир Путин склучени со лидерите на двете сепаратистички републики во источна Украина, еден ден откако шефот на руската држава ја призна нивната независност и нареди таму да бидат испратени војници.
Долниот дом на рускиот Парламент, Думата, гласаше за одобрување на договорите на Путин за пријателство со самопрогласените „Донецка Народна Република“ (ДНР) и „Луганска Народна Република“ (ЛНР). Гласањето заврши со бурен аплауз од пратениците, пренесе МИА. Думата, исто така, гласаше за предложен амандман, според кој договорите треба да стапат во сила од моментот на објавување.
И Советот на Федерацијата, Горниот дом на Федералното собрание на Руската Федерација, денеска ги ратификуваше договорите за пријателство и соработка со самопрогласените народни републики Донецк и Луганск. Советот на Федерацијата едногласно ја усвои одлуката за ратификација на договорот.