Повторувањето е мајка на знаењето. Филип од Македонија, наречен Чипо од Чешка, инаку мој специјален дописник за политичките збиднувања во Централна Европа, пред некој ден, јавувајќи ми се од својот аналитички центар, ме запраша на која тема ќе ми биде следната колумна. На истата тема, му реков, јас веќе неколку месеци ја пишувам истата колумна, оти фарсата на моќта се повторува како здодевна ама морбидна историја
Повторувањето е мајка на знаењето. Хистеријата е снаа на апсурдот. Атлетиката е кралица на спортовите. Безумноста е принцеза од бајките за глупите. Тогаш да си повториме.
Атлетиката, Русјаков? Каква врска има атлетиката?
Сакав да кажам, ако атлетиката е кралица на спортовите, тогаш уметничкото лизгање е принцезата на зрно грашок.
Не сери, Русјаков, нешто друго сакаше да кажеш. Друго сакав да кажам. Вистина е. Ех, кога би можел со брзина на Јусаин Болт да се најдам во Пекинг. Да си ги прочистам загадениве мисли на белите скијачки терени. Да фантазирам совршена убавина среде мразот за уметничко лизгање, додека не дојде датумот…
Датумот, да…
…кога Русија ќе ја нападне Украина. Точно в сабота, 19 февруари, во девет и петнаесет минути наутро. Не по Гринич и Вилиџ, туку по „Блумберг и Бајден“. Токму кога вие сркате кафе и читате колумна од оној серко Русјаков. Баш кога ја читате реченицата што гласи, баш кога ја читате реченицата што гласи. Ете колку се точни „Блумберг и Бајден“, холистичката метеоролошка агенција за отворање чакри и фронтови, предвидување временска прогноза и инвазии. Нивното предвидување, за кое не се прашувате дали е вистинито, оти тие не грешат, гласеше точно вака: Русија ќе изврши инвазија на Украина, точно в сабота, 19 февруари, во девет и петнаесет минути наутро, додека многумина во Нордистан се на дваесеттата реченица од колумната на оној серко Русјаков, истовремено кога Славјанка го вежба монологот на Ганери Сарцент Хартман од „Фул метал џекет“, токму во мигот кога во Лондон почнува да врне, а Борис Џонсон стои пред огледало и се чуди зошто фризурата го потсетува на мртвиот папагал од Монти Пајтон, а Џо од Белата куќа се прашува дали овалната соба има агли, па трга да ѝ се јави на Пелоси, ама наместо мобилниот телефон, го зема далечинското, ги стиска упорно копчињата и вика „Ало, ало!“, чудејќи се зошто некој непознат Рене во неговите мисли, со француски акцент му вели „Летс гоу Брендон“, но Џо појма нема кој, по ѓаволите, е тој Брендон и баш би ја прашал онаа канадска комуњара Трудо за совет, само што ова време, кога Русија обично врши инвазии наваму-натаму, Канаѓанецот слуша Брајан факинг Адамс и сонува концлогори за камионџии.
Точно вака звучеше предвидувањето на „Блумберг и Бајден“. Затоа беше битно да си повториме, оти како тие предвидуваат, така и бидува. Е, ама, ако повторувањето е мајка на знаењето, тогаш хистеријата е снаа на апсурдот. А снаа и свекрва не се трпат. Затоа е тука апсурдот да ги обедини во хистерично повторување. И тие хистерично повторуваат. Западните мејнстрим-медиуми и нивните наредбодавци, политичарите врескаат хистерично дека Русија само што не ја нападнала Украина. Како што врескаа дека Ирак има хемиско оружје. Или дека во Либија и Сирија убиваат и уништуваат за да донесат демократија. Зарем уште им верува некој?
И тоа како им веруваат. Најмногу оние што себеси се доживуваат како прогресивна елита. Интелектуалната бижутерија. Граѓанството луѓенца од океанот убавина. Изопачената светска моќ може да им каже дека веќе утре Русија ќе изврши инвазија на Месечината, затоа што таму има лабораторија во која се произведува новата вакцина што ги убива сите можни вируси, со цел да ја украдат за себе, елитистиве веднаш ќе поверуваат. Веруваат и други… затоа што така зборува моќта, повисоките од горе, а како тие ќе одлучат, така и ќе биде. Светот врие од безумноста на елитата и просечноста, а јас којзнае по кој пат ќе си повторам, војна можеби навистина ќе има, но таа ќе биде исценирана и спроведена на дело од страна на западната моќ, а медиумски ќе биде покриена така што Русија ќе излезе виновна. И мнозинството ќе верува.
Затоа изопачената моќ аздисува без око да ѝ трепне. Оттука, лесно им е на „Блумберг и Бајден“ да се расфрлаат со датуми. Или на Борис Џонсон да вреска бесмислени будалаштини. Духот на Монти Пајтон е одамна убиен од политичката коректност. Кловн-политиката ја истера смислата за хумор. Особено од оној западниот, прогресивниот, либералниот. Среќа што Захарова ни подари грам диогенски цинизам среде светсково лудило. Ги замоли „Бајден и Блумберг“ ако можат да испратат датуми за сите руски инвазии во иднина. За да знаат кога имаат слободни денови, па да си планираат одмори.
Русјаков, аман веќе со тие датуми!
Тоа де… датумот. Оној што требаше да се случи на шести… не, на осми… всушност на единаесетти… Јас имам инсајдерски информации. Датумот кога Русија ќе ја нападне Украина е истиот кога Нордистан ќе добие датум за почеток на пристапни преговори со Европската Унија.
Аман, се повторуваш.
Повторувањето е мајка на знаењето. Филип од Македонија, наречен Чипо од Чешка, инаку мој специјален дописник за политичките збиднувања во Централна Европа, пред некој ден, јавувајќи ми се од својот аналитички центар, ме запраша на која тема ќе ми биде следната колумна. На истата тема, му реков, јас веќе неколку месеци ја пишувам истата колумна, оти фарсата на моќта се повторува како здодевна ама морбидна историја.
Патем, Русија повлече дел од војската. Што и не мораше, оти тоа си е нивна територија. Ама, па, им заврши вежбата што хистеричниот Запад ја искористи за својата забегана пропаганда. Проблем е што овој потег на Русија, западните политичари и медиуми не го коментираат. Ним им одговара и тензија и војна. Оти тие се подготвени и планетата да ја пратат по ѓаволите, само да не им кажат на своите граѓани дека државите им се пред банкрот. Како што оној Трудо е подготвен да ја укине демократијата и да воведе диктатура, затоа што народот не ги слуша неговите налудничави заповеди. Си мислат дека се семоќни, па запаѓаат во месијанизам. Западот повторно раѓа Нерони и Калигули.
Оние што фрлаа осиромашен ураниум на европско тло, мртви ладни го прашуваат Путин дали ќе правел војна среде Европа. Мене само едно ме плаши. Им требаше проклетата пандемија за да ги спроведат своите орвеловски експерименти. Сега им треба конфликт, војна по можност, за да го оттргнат вниманието од катастрофалните резултати на тие експерименти и нивната вина, што, секако, во еден момент ќе излезе на виделина. Во моментот кога ќе увидат дека не можат да ја играат војната со Русија, ќе му се навртат на Балканот.