Во деновите кога треба да играат Македонија и Грузија, 24 и 27 февруари, се и презакажаните мечеви во Евролигата на ЦСКА, за која настапува капитенот на грузиската репрезентација. Шенгелија моментно закрепнува од повредата на мускулот на коленото и пропушти три дуели во Евролигата

КОШАРКА – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2023

Капитенот на грузиската кошаркарска репрезентација, Торнике Шенгелија (30), можеби нема да игра на натпреварите со Македонија, во квалификациите за пласман на Светското првенство (СП) во 2023 година. Како што пред извесно време пренесе руски „Спутник“, причината е ажурираниот календар на Евролигата. Поради ковид-19, многу мечеви во лигата се одложени за подоцна, па, така, средбата помеѓу ЦСКА, за која игра Шенгелија (206 см), и Барселона, која требаше да се игра на 7 јануари во Москва, според новиот календар е закажана за 27 февруари, кога Грузија ќе гостува во Скопје. Грузиската репрезентација ќе одигра уште еден натпревар со избраниците на македонскиот селектор Драган Бајиќ, на 24 февруари, на свој терен во Тбилиси, но тој ден ЦСКА треба да игра на гости со минхенски Баерн. Претседателот на ЦСКА, Андреј Ватутин, претходно изјавил дека се согласува Шенгелија да игра за Грузија, но само под услов натпреварите на ЦСКА во Евролигата да не се играат во ист ден.
ЦСКА моментно е на петтата позиција на табелата (14-9) од 23 натпревари, додека води Реал Мадрид (20-4) од 24 меча, а втора е Барселона (19-5) од 24 дуела. Шенгелија не играше за својот клуб на последните три меча (Казан, Анадолу Ефес и Алба), поради повредата на мускулот на ногата, која ја доби на 21 јануари, на дуелот против Олимпија Милано. Мечот во Москва го добија Италијанците со 67-57.

Во квалификациите за СП 2023 година, Грузија игра во групата Г, заедно со Шпанија, Украина и Македонија. Грузија одигра два дуела, ја победи Украина дома, со 88-83 (Шенгелија постигна 16 поени), а загуби на гостувањето кај Шпанија со 61-89 (Шенгелија го пропушти мечот поради повреда).
Познати се судиите што ќе ја делат правдата на двомечот со Грузија во февруарскиот квалификациски циклус. Така, на 24 февруари во Тбилиси, правдата ќе ја делат Мартинс Козловскис (Летонија), Илијас Кунелис (Кипар) и Петр Хруша (Чешка), а три дена подоцна во Скопје, Мартин Хорозов (Бугарија), Гатис Салинс (Летонија) и Ивор Матејек (Чешка). Истовремено и најдобриот македонски судија за 2021 година, Игор Митровски, е номиниран да биде дел од судиската тројка на мечот Белгија – Летонија, на 25 февруари, во Монс. Три дена подоцна, Митровски ќе суди и на дуелот Велика Британија – Белорусија во Њукасл.