Интервју со австрискиот канцелар Себастијан Курц

Канцеларот Себастијан Курц (32), чија држава Австрија е актуелен претседавач со ЕУ, зборува за борбата против незаконското доселување и за својот однос со лидерите на Централна Европа, како и на Италија и на Русија

Австрија е актуелен претседавач со ротирачкото претседателство на Европскиот совет. Мотото што го избравте за вашиот шестмесечен мандат е „Европа што штити“. Кој треба да се штити и од кого?
– Во претстојните месеци сакаме да ги зајакнеме сите нешта што ја сочинуваат нашата Европа. Фокусот ќе биде на безбедноста, редот и колективната заштита на нашите надворешни граници. Но исто така треба да работиме на нашата конкурентност во рамките на светскиот натпревар за да го одбраниме просперитетот што го постигнавме. Мојата генерација честопати ги зема Европа и нејзините успеси здраво за готово.

Ве молиме одговорете на нашето прашање. Кој треба да се штити и од кого?
– Нашиот просперитет, нашата економија, нашата општествена сигурност и вредности, а ако сакате да го сведете фокусот на прашањето на миграцијата, еден од моите приоритети е заштитата од трговците со луѓе, кои заработуваат од бегалците и нивната мака.

Што се надевате дека ќе постигнете околу бегалскиот проблем до крајот на годината?
– Дека ќе продолжи трендот на опаѓање што го започнавме. На последниот самит на ЕУ во јуни, шефовите на државите и на владите првпат се согласија дека неограниченото прифаќање (на бегалците) во Централна Европа не беше вистинска одлука и дека е потребна ефикасна заштита на нашите надворешни граници и мораме да ја зголемиме помошта таму. Сега трендот на опаѓање, кој веќе го имаме на ум, мора да се спроведе во практика.

Нели сте горд на фактот што ЕУ го усвои вашиот рестриктивен пристап на затворени граници за миграцијата?
– Сите 28 лидери заеднички се согласија за резолуциите. Но јас сигурно бев меѓу оние што уште претходно се залагаа за политичка промена.

За себе сметате дека сте најзаслужен за затворањето на балканската маршрута што ја користеа стотици илјади бегалци во 2015 година на нивниот пат кон Австрија и Германија. Како претседател на Европскиот совет, нели би требало повеќе чесно да посредувате и помалку да се самопромовирате?
– Кога го истакнувам фактот дека Европа забележа напредок по мигрантското прашање, тоа нема никаква врска со самопромоцијата, туку со фактите. Сè помалку и помалку луѓе го поминуваат Средоземно Море и сè помалку гинат.

Над 1.500 луѓе загинаа од почетокот на годинава.
– Мораме да продолжиме чекор по чекор. Мораме да ги спречиме да испловат бродовите со мигранти од Северна Африка и да ги спречиме да бидат префрлени во ЕУ откако ќе бидат спасени. За да го сториме ова, мораме да ја прошириме соработката со државите како Либија, Тунис и Мароко и да ѝ дадеме поголеми овластувања на Фронтекс. Мора да им се стави крај на неможноста на ЕУ да се справи со проблемот, како и жртвите на Медитеранот.

Барате да се спречи пристигнувањето на бегалските бродови во Европа и да се зајакне режимот за заштита на надворешните граници. Прашањето за распределба на бегалците во Европа повеќе не е на агендата?
– Ова не е целосно точно. Велам дека не треба секој брод полн со мигранти да пристигнува во Европа. Нашата цел е да ја уништиме трговијата со луѓе, а тоа ќе се постигне ако некој што му платил на шверцерот да пристигне во Европа автоматски да не биде внесен во Европа доколку е спасен на море.

Медитеранските земји се расправаат која држава од ЕУ треба да го прифати секој мигрантски брод што носи по неколку стотици бегалци. Распределбата на бегалците е прашање што сè уште нема одговор.
– Имам друг приоритет. Египет веќе е подготвен да ги прифати луѓето што испловија токму од неговите брегови. Истово мораме да го спроведеме со Либија, Мароко и со Тунис, на пример преку зајакната соработка со крајбрежната стража на секоја држава. Сакам да дојдеме до степен до кој бегалските бродови нема да тргнуваат на пат за Европа.

УНХЦР предупреди за тешките хуманитарни услови во Либија. Дали Либија треба да се смета за безбедна земја на потекло?
– Кога луѓето заминуваат од Либија на пат за Европа и наидуваат на проблеми уште на самиот либиски брег, добро е што крајбрежната стража на таа држава ќе ги спаси и ќе ги врати назад во Либија.

Но што е со ситуациите во кои нив ќе ги спаси мисијата „Софија“ на ЕУ или ќе бидат спасени од приватни хуманитарни бродови?
– Тогаш ситуацијата ќе биде многу посложена. Токму затоа мораме да почнеме од земјите на потекло и транзитните држави. Сепак, не се Египќаните и Либијците оние што пристигнуваат кај нас.

Сè додека повеќе северноафрикански држави не сакаат назад да ги прифатат луѓето, останува одлучувачкото прашање според кои правила азилантите ќе бидат распределени по државите во Европа.
– Ако се прашував само јас, на оние што очигледно немаат право на азил не треба да им се дозволи влезот во ЕУ, туку треба да бидат вратени назад во родните земји или во транзитните држави во најкраток можен рок.

Европската комисија и агенциите за бегалци на ОН се залагаат за прифаќање на бегалците на кои им е потребна заштита во камповите во Северна Африка пред да бидат распределени во ЕУ.
– Имам поинаков став. Мислам дека ќе биде многу подобро за нас директно да ги носиме луѓето од земјите на потекло кога ние ќе одлучиме да ги прифатиме за да не завршат во некој северноафрикански бегалски камп, каде што ќе треба со месеци да чекаат да се донесе одлука за нивното барање за азил.

Дали верувате дека треба да се дозволи приватни бродови да ги спасуваат бегалците на море?
– Законски и морално е така да постапиме сè додека се почитуваат актуелните правила. Без разлика, не смеат да постојат договори со шверцерите или соработка со криминалците.

Какви мерки ќе преземете за мигрантите да не патуваат на север?
– Погрешно е да се верува дека прашањето за миграцијата само може да се реши преку развојна соработка. За време на нашето претседавање со Советот, сакаме да тргнеме по нови, поиновативни патишта. До средината на овој век, во Африка веќе ќе живеат две милијарди луѓе. Затоа сакаме да ја зајакнеме економската соработка, да отвориме канали за приватни инвестиции и да воведеме програми за стручни обуки за младите. Се надеваме дека ќе преземеме одлучувачки чекор во декември, на самитот на ЕУ со африканските држави.

Какви се вашите односи со Италија? Во однос на миграцијата, имате слични погледи со Матео Салвини, лидерот на ултрадесничарската партија Северна лига и министер за внатрешни работи на Италија. Но Рим сега се заканува дека ќе престане да плаќа средства за ЕУ. Што мислите за ова?
– Не сакам такви закани. Но исто така јасно е дека не можеме да се откажеме од оние членки на ЕУ што се под притисок од миграцијата. Во изминатите неколку години, државите како Германија, Австрија и Шведска беа силно изложени на бегалската криза. Во меѓувреме, притисокот стана поголем на друго место.

Кога се дискутираше за прашањето за миграцијата пред неколку месеци, зборувавте за оската Рим – Берлин – Виена, избор на зборови што многумина ги потсети на врската меѓу Германија на Хитлер и Италија на Мусолини. Дали се каете за изборот на зборови?
– Историски постои само оската Рим – Берлин, но точно е дека мојата изјава вознемири дел од јавноста. Од друга страна, едвај некој неодамна забележа кога имаше дискусија за оската Германија – Шпанија. Зборот „оска“ е дел од мојот нормален речник. Не сакам да го исфрлам поради националсоцијалистите. Сакам да дискутирам за овие прашања, но нема да си дозволам јас или Австрија да бидеме обвинета за ултрадесничарски ставови.

Одржувате добри односи со државите како Унгарија и Чешка, а ниту една од нив не сака да прифати мигранти. Дали мислите дека можете да им го промените ставот како претседавач на Европскиот совет?
– Прашањето е малку незгодно. Немам подобри или полоши односи со вишеградските држави отколку со другите членки на ЕУ. Јас се залагам да нема строга поделба меѓу добриот Север и лошиот Југ, угледниот Запад и нечесниот Исток. Имаше големи протести кога беше во посета унгарскиот премиер Виктор Орбан, откако се сретнав со холандскиот премиер Марк Руте, канцеларката Ангела Меркел и со претседателот Емануел Макрон. Колку е променливо расположението во Европа за да се смета за ненормално да одржуваш контакти со соседната држава? Австрија е држава во срцето на Европа. Мојата најважна цел како претседател на Советот е да ги намалам разликите што се појавија.

Вашиот коалициски партнер, ултрадесничарската Слободарска партија на Австрија (ФПО), постојано привлекува негативно внимание. Зошто не побарате од нив да ги средат позициите?
– Јас сум канцелар, а не критичар. Се трудам да не ги омаловажувам другите. За жал, во Австрија постојано има навреди од разни партии. На ѕидовите од куќите на пратениците се исцртани свастики и поставени свеќи за погреб.

Дали сте исплашен?
– Не, сè е под контрола.

Точно ли е дека имате план за да ја вратите Австрија на чело на ЕУ за десет години?
– Имаме јасна цел да се вратиме на врвот.

Тоа значи дека Австрија порано била на врвот?
– Пред десет години, во медиумите се сметаше дека Австрија е подобра од Германија. Ние бевме држава со најниска невработеност и здрав економски пораст. Оттогаш почнавме да заостануваме, но сега повторно имаме позитивна динамика. Нашата економија расте со стапка од 3,2 отсто, невработеноста опаѓа, а во некои области странските инвестиции достигнаа скок. Многу повеќе ги зголемивме пензиите од претходно. Истовремено успеавме да се одржиме без да земеме нов кредит, што се случува прв пат во последните 60 години.

Но тоа имаше одредена цена. Беа скратени социјалната помош и програмите за вработување, а дури имаше помалку пари за интеграција на оние што долго време се невработени. Вашите политики се критикувани дури и во вашиот конзервативен табор.
– Верувам дека добрите социјални политики овозможуваат луѓето да имаат повеќе пари, а не кога државата има пари за прераспределба. Спроведуваме реформи што се критикуваат, но без нив не можеме да се вратиме на врвот.


Во Европа ќе има мир со Русија, а не без неа

Разузнавачките служби во Австрија се предводени од ФПО, која одржува блиски врски со Русија. Како реагирате на наводите дека западните разузнавачки агенции повеќе не ја гледаат Виена како доверлив партнер?
– Не сум добил некакви сигнали за ова од Германците или од други влади.

Довербата не ја зголемува ниту фактот дека австриската министерка за надворешни работи Карин Кнајсл се поклони пред рускиот претседател Владимир Путин, кој ѝ беше гостин на свадбата. Дали тоа ви пречи?
– Одлуката да се покани Путин ја донела брачната двојка. Нашиот политички став кон Русија е непроменет. Санкциите беа продолжени во јуни, одлука што ние нормално ја поддржавме. По свадбата, јас имав работен состанок со рускиот претседател.

Каков беше резултатот?
– Можам да ги одделам двете нешта. Првото е неопходниот одговор на кршењето на меѓународното право и на руската агресија. Второто е неопходноста да се остават отворени каналите за дијалог. Токму тоа го правиме, затоа што на нашиот континент ќе има мир заедно со Русија, а не без неа.

На штета на Украина?
– Позитивните односи со Украина се еднакво важни за нас и јас му го потврдив тоа и на претседателот Петро Порошенко неодамна во Киев.

Поканата на Путин на свадбата на шефицата на австриската дипломатија предизвика силни контроверзии