Премиерот Димитар Ковачевски, на покана на бугарскиот колега Кирил Петков, на маргините на заедничката седница на двете влади присуствуваше на манифестацијата на доделување на наградата „Достојни Бугари“, која традиционално секоја година им се доделува на повеќемина бугарски граѓани што оствариле големи и хумани дела за својот народ и за својата земја.
Бугарскиот премиер ова високо признание им го врачи на бугарските спортски носители на златен медал на последните Олимписки игри во Токио, како и две деца што собирале средства за својата болна мајка со продажба на лимонада на свој штанд.
Ковачевски награда „Достојни Бугари“ му врачи на пожарникарот Давид Галабов како еден од добитниците на признанието, кој не го штедел сопствениот живот за да ги спаси животите на две мали бебиња од огнената стихија.
– Пожарникарот Галабов вторпат ја добива оваа награда, а првиот пат ја добил заедно со своите колеги заради пожртвуваното учество во справувањето со поплавите од 2016 година во мојата земја, во Северна Македонија – истакна Ковачевски.
Премиерот изјави дека граѓаните на Македонија никогаш нема да ја заборават подадената рака на Бугарија и тогаш во 2016 година, но и лани кога нашата земја беше зафатена од големи пожари за што меѓу првите помошта дојде од нашите соседи.
Бугарија и нејзините медицински и здравствени работници покажаа исклучителна професионалност и во случајот на сообраќајната несреќа на автопатот „Струма“ кога 47 наши сограѓани го загубија животот во страотната трагедија.
– Ние никогаш нема да го заборавиме сочувството, но и помошта што тогаш беше укажана – истакна премиерот на церемонијата на врачувањето на наградата.