Претседателот Стево Пендаровски вчера му го врачи мандатот за состав на новата влада на новоизбраниот лидер на владејачката СДСМ, Димитар Ковачевски.
Пендарoвски информира дека врз основа на членот 84 став 1, од Уставот на Македонија, и известувањето за предлогот за мандатар доставено до него од СДСМ и коалицијата дека го имаат мнозинството во Собранието, тој го одредил за мандатар претседателот на оваа партија, Димитар Ковачевски.
Од друга страна, Ковачевски посочи дека започнува со активностите за формирање нова влада.
– Од денес почнувам со формирање на новиот тим, кој треба да одговори на сериозните предизвици што нѐ чекаат од почетокот на новата година. Новата влада ќе има јасна цел – обезбедување сигурност, подобар живот и светла иднина за нашите граѓани. Моја лична заложба е да ја вратиме довербата на граѓаните во политиката и институциите – рече Ковачевски. А.С.