Мора да се најде решение за проблемите меѓу двете земји што е можно поскоро, но поставувањето рокови може да ја наруши динамиката на процесот, истакна францускиот државен секретар за европски прашања Клеман Бон пред новинарите во Софија, за време на неговата посета. Франција смета дека во моментов не може да се одреди конкретен датум за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ.
Тој посочи оти гледа волја кај новата бугарска влада и кај македонските власти за продолжување на дијалогот, кој Франција е подготвена да го поддржи како партнер и како следен претседавач со Советот на ЕУ.
Францускиот државен секретар за европски прашања потсети дека Франција побарала нова методологија за преговарање со земјите кои веќе ги започнале преговорите со ЕУ.
Бон во Софија беше примен од претседателот на Бугарија Румен Радев, премиерот Кирил Петков и министерката за надворешни работи на Бугарија Теодора Генчовска.