Викендашите во селото Горна Белица на планината Јабланица воопшто не беа изненадени од високите наноси на снег кои беа дури над еден метар. Тие беа и подготвени, заедно со специјалните екипи од Струга, задолжени за расчистување на патот, да го пробијат патниот правец до магистралниот пат Струга – граничен премин Ќафасан.
Селото се наоѓа во областа Дримкол, во западниот дел на територијата на Општина Струга, чиј атар се издига на источната падина на планината Јабланица и се допира со државната гранична линија со Албанија.
Селото е планинско и мошне високо, на надморска височина од 1.420 метри. Од самиот град Струга е оддалечено 14 километри.
До него се стигнува по магистралниот пат од Струга што води кон граничниот премин Ќафасан. Во зимскиот период ова живописно село често е под дебела покривка снег, која потоа, откога ќе се стопи, го полни Охридското Езеро со вода.