Поскапувањето на горивата поради зголемената побарувачка по рестартирањето на економиите низ светот ги става во незавидна позиција транспортерите, кои укажуваат дека овој раст на цените директно се одразува на одржливоста на транспортните компании. Истовремено, тие се соочуваат и со голем недостиг од кадар, односно немање возачи, кои масовно заминуваат да работат во странство
Цените на нафтените деривати последниве месеци на светските берзи, па и кај нас, се во постојан раст. Последниве недели тие достигнаа највисоки вредности, што, секако, се должи на несреазмерноста меѓу понудата и побарувачката на глобално ниво. Со закрепнувањето на економиите во светот и постепеното рестартирање на производствените процеси по рестрикциите што се применуваа за спречување на пандемијата на коронавирусот, се зголемија побарувачката на горива и нивната цена.
Први на удар од поскапувањето на горивата се транспортерите, кои укажуваат дека овој раст на цените директно се одразува на заработката на транспортните компании и на можностите за понатамошни инвестиции.
– Горивото е елемент што влегува во калкулацијата на цената на превозот и кој како трошок зафаќа од 40 до 60 проценти, во зависност од релацијата на движење на возилата. Во услови кога имаме поголема понуда на возила отколку што има понуда на стока за превоз, порастот на цената на горивата директно влијае на зголемување на трошоците на превозниците, а тоа значи помала заработка, недоволно средства за зголемување на платите на возачите и другите вработени, помалку средства за обновување или зголемување на возниот парк, но и за сопствениците, кои вложуваат и ризикуваат за на крајот да имаат позитивни резултати како и сите други бизнисмени во која било дејност од стопанството – велат од асоцијацијата на транспортери „Макам-транс“.
Оттаму додаваат дека превозот е услуга што се користи во моментот на настанување, нема резерва и чекање подобри времиња, туку мора да се работи веднаш, за да не пропадне, додека калкулациите се прават на ниво на една календарска година, кога се сумираат сите резултати од севкупното работење.
– Во областа на превозот, на терен, најмногу се чувствува влијанието на понудата и побарувачката, што значи дека превозниците (особено македонските) не се во ситуација да влијаат или да ја зголемуваат цената на превозот сразмерно со растот на цената на горивото. За разлика од транспортерите, сите корисници на превоз во своите калкулации во цените на производи ги вградуваат светските трендови на зголемување на цените на суровините, а аналогно на тоа и на горивото. Тоа значи дека цените на суровините, односно репроматеријалите, готовите производи, прехранбените производи растат и ќе растат, без разлика на фактот дали превозот по единица производ е зголемен или не. Корисниците на превоз во случаи кога најмуваат превозници по многу пониски цени од предвидените, на овој начин остваруваат екстра-профит, кој профит негативно се одразува на животниот стандард на населението – укажуваат од „Макам-транс“.
Од асоцијацијата посочуваат дека нивните членови забележуваат дека во овој постпандемиски период сите што биле принудени да затворат или да го намалат обемот на работа во 2020 година, како да сакаат да заработат дупло за да ги покријат загубите од претходно, не водејќи сметка за светското население и ударот што го прават со ценовните шокови, а особено на помалите држави, кои не можат да се справат со турбуленциите што се случуваат на глобално ниво.
Транспортерите укажуваа на уште еден значаен проблем што се одразува и врз нивната работа, а тоа е недостигот од професионални возачи низ Европската Унија и во Велика Британија. Проблем што, според нив, може да се прелее и кај нас, бидејќи се одобруваат работни визи за возачи од овој регион, со кои е можно некои од домашните професионални возачи да заминат на работа во странство.
– Недостигот од возачи е тренд што е започнат уште во 2015 година, кога е објавено дека во периодот 2015-2025 година во пензија на ниво на Европа ќе заминат над два милиона возачи. Германија и Белгија процесот на привлекување на овој профил на работна сила го започнаа уште пред неколку години, а цел пред сѐ се возачите од Западен Балкан.
Овие и други држави почнаа со законски измени и олеснување на условите за вработување, односно издавање работни визи и на лица што немаат т.н. ЕУ патни исправи, со што плански го намалуваа недостигот од овој профил на работници. Најново е отворениот повик на англиската влада и нудење поволности за да се пополнат испразнетите места на возачите што се заминати во пензија – потенцираа од „Макам-транс“.
Од асоцијацијата посочуваат дека уште во 2015 година, но и во 2017 година, доставиле барање да се преземат соодветни мерки, како на пример субвенционирани обуки за оспособување или преквалификации на невработени лица за зголемување на интересот за ова работно место.
– Баравме да се врати насоката возач во средните стручни школи, но, за жал, освен ветувања, не се направи никаков напор да се спроведат какви било активности на ова поле. Во овој период, превозниците се среќаваат со големи тешкотии да ги задржат вработените возачи, да обучуваат и инвестираат во млади лица што би сакале да работат, но, за жал, голем дел од нив по три или шест месеци оди во странство за остварување повисок износ на надоместок за својата работа. Дополнителен проблем што ги мачи превозниците е што државата по затворањето на државниот испитен центар речиси осум месеци нема одбрано нов државен испитен центар, при што над 1.500 лица чекаат за да можат да ги обноват своите сертификати за професионална компетентност, да добијат сертификат за превоз на опасна стока или за советник за безбедност, документи што според закон се бараат како во државата за обновување на лиценците за вршење на дејноста исто така се предмет на контрола и кога возилата се движат низ сите држави во Европа – дополнија од асоцијацијата.
Од „Макам-транс“ потенцираат дека проблемот со професионални возачи е многу сериозен и потребно е да се донесе долгорочна стратегија за надминување, стратегија што би се однесувала на стручното образование, но и на делот за олеснување на процедурите за добивање работна виза за странци што би сакале да се вработат во нашите превозни трговски друштва.