Бројот на пациенти во светот кои починале поради компликации предизвикани со зараза од коронавирус надмина пет милиони, покажуваат податоците собрани на глобално ниво од американскиот универзитет „Џонс Хопкинс“.

Со речиси 200.000 смртни случаи ширум светот во последните 28 дена, ковид-19 однесе вкупно пет милиони и 425 животи од почетокот на пандемијата.

Вкупниот број на заразени луѓе во светот достигна 246,7 милиони од денот кога беше потврден првиот случај во Вухан, Кина кон крајот на 2019 година.

Минатиот четврток, Светската здравствена организација (СЗО) предупреди дека бројот на потврдени случаи на ковид-19, како и смртни случаи се зголемува за прв пат во два месеци. Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, рече дека зголемувањето е предизвикано од моменталната ситуација со пандемијата во Европа.

– Тоа е уште еден потсетник дека пандемијата е далеку од завршена – рече Тедрос.

Тој додаде дека пандемијата продолжува главно поради нерамномерниот пристап до тестови и вакцини во развиените и неразвиените земји.