Одржувајќи ја улогата на лицемерен добар сосед – „најголем поддржувач на македонската европерспектива, но не по цена на бугарските националноисториски интереси“, европратениците од Бугарија предложиле одвојување на почетокот на пристапните преговори на Албанија од пакетот со Македонија!? Албанија напред, Македонија – стој! Чиста иронија. Стравот од понатамошното проширување на ЕУ е токму поради искуството од прераниот прием на земји-членки како Бугарија, кои, сепак, се покажаа како употребливо алиби за забавување на истиот процес
Потпирајќи се на регуларните процедури и логичниот тек на работите за пристап кон ЕУ, засновани на принципот испорачани резултати – напредок во евроинтеграциите, претставниците на ЕУ на сите нивоа официјално кажуваат дека усвојувањето на преговарачката рамка за Македонија, за да го започне официјално својот пат кон полноправно членство во Унијата, треба да се случи на самитот на ЕУ во декември. Во таквиот контекст, првите дипломати на ЕУ и на САД, како што се високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел, и државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, упатуваат јасни пораки дека преговорите на Македонија (и на Албанија) за членство во Унијата треба да започнат што поскоро… Уште еден позитивен извештај на Европската комисија за реформите што ги спроведува Македонија во насока на усогласување на својот општествено-правен систем со стандардите на ЕУ деновиве е додаден во колекцијата извештаи што ги собира земјата од 2009 година, со препорака за започнување преговори…
Но иако ваквите пораки и сигнали даваат основа за оптимистички и ентузијастички очекувања, следува отрезнувачка шлаканица во однос на расположението за европроширувањето во самата ЕУ, што доаѓа од изјавата на словенечкиот министер за надворешни работи Анже Логар. Претставникот на словенечкото претседателство со Советот на Европа смета дека „патот на земјите од Западен Балкан кон ЕУ нема да биде автопат, туку мала патека со многу кривини, која ќе нѐ доведе до проширувањето“, забележувајќи дека напредокот во однос на проширувањето од последниот самит ЕУ – Западен Балкан не е задоволувачки.
Ноторната причина за биполарните пораки што ги добива Македонија за шансите да стане полноправна членка на Унијата се препознава од авион. Хроничното вето-блокирање на нашиот евроинтегративен пат, со „посебни услови“ (читај ултиматуми) од соседите, ни одблизу не е во корелација со Копенхашките критериуми за проширување. Истите тие „посебни услови“ во суштина ги дерогираат и основните вредности на ЕУ и на ООН, поврзани со правото на нациите за самоопределување и самоименување. Неразбирлива и за другите членки на ЕУ, блокадата на Бугарија за почетокот на преговорите на Македонија веќе втора година го одржува континуитетот на неразумните вета, кои го направија македонскиот пат кон европската интеграција „тесен и кривулест“, уште многу порано пред таквата „перспектива“ да им ја претстави на земјите од Западен Балкан словенечкиот министер за надворешни работи. Одржувајќи ја улогата на лицемерен добар сосед – „најголем поддржувач на македонската европерспектива, но не по цена на бугарските националноисториски интереси“, европратениците од Бугарија дури предложиле одвојување на почетокот на пристапните преговори на Албанија од пакетот со Македонија. На тој начин, Бугарија всушност јасно и повторно ги манифестира опструктивните намери во својата „поддршка“ за Македонија, изразени во низа документи усвоени во текот на изминатата година од бугарската влада, собрание… и испратени до ЕУ.
Иако претставниците на ЕУ искажуваат дека барањата на Бугарија спрема Македонија се неразбирливи и неприфатливи, сепак не преземаат посериозни чекори во отфрлањето на таквите нејзини постапки и уцени. Ставот дека билатералните прашања не треба да го оптоваруваат процесот на проширување, ЕУ не го поткрепува со убедливи акции и дејствување во таа насока. Напротив, многумина од познавачите на процесите и случувањата во Унијата сметаат дека ЕУ го користи однесувањето на Бугарија како еден од алиби-аргументите за внатрешното нерасположение кај другите земји-членки да се интензивира процесот на проширување.
Од самит во самит, премолчувајќи ја посветеноста за проширување, или споменувајќи ја во декларациите како своевидна изнуда од претходно дадените ветувања, ЕУ тивко но упорно како да сака да порача дека е презафатена со своите проблеми и дека можеби и вака димензионирана со 27 земји-членки е преголема за да ги апсорбира и решава предизвиците на сите свои составни делови. Внатрешните недоразбирања и различни гледишта за буџетот, правниот суверенитет, актуелното справување со предизвиците на пандемијата, енергентите, одбранбената политика, за ЕУ се доволно комплицирани и со 27 земји-членки. Можеби иронично, но стравот од понатамошното проширување на ЕУ е токму поради искуството од можеби прераниот прием на земји-членки како Бугарија, кои, сепак, се покажаа како употребливо алиби за забавување на истиот процес.
Како нова надеж за Македонија и другите земји-кандидатки од Западен Балкан се гледа поинтензивното влијание на САД, во охрабрувањето на Европската Унија да го одржува принципиелно процесот на проширување. Иако во голема мера ги има неутрализирано конкурентските влијанија на Балканот, преку приемот на поголемиот дел од земјите во НАТО, САД сепак сметаат дека штитот може да биде нарушен со замрзнувањето на процесот на проширување на ЕУ, а конфликтите меѓу земјите-членки на Алијансата поради членство во Унијата одат на штета и на односите во неа.
Сепак, во моментов Македонија, иако формално одамна ги исполнува условите за почеток на преговорите за членство во Унијата, се соочува постојано со предизвикот да го вежба „правописот на ЕУ“, во тетратки за почетници, со тесни и широки линии.