Ако претстојната временска прогноза што покажува дека допрва ни следуваат врнежливи денови се оствари, тогаш следствено на тоа ќе се остварат и предвидувањата на биолозите со кои се консултиравме, кои потврдуваат дека некои видови стоногалки сѐ почесто ќе се забележуваат на јавните површини
ПОРАДИ ЗГОЛЕМЕНА ВЛАЖНОСТ НА ВРЕМЕТО
Инвазија на „мали црни замотани во круг“ црвчиња има насекаде низ Скопје. Таква е сликата изминатите неколку дена во главниот град, а граѓаните велат дека не можат, а да не ја забележат нивната сѐ почеста присутност. Се лепат за ѕидови, за бетон и многу тешко можат да се тргнат од површините.
Жителите на метрополата велат дека дворовите, но и другите површини низ градот, кејовите, тротоарите се преполни со вакви мали црви, кои произведуваат звук на пукање доколку по грешка ги згазнете.
БИЛО ЦРВИ ИЛИ СТОНОГАЛКИ, ГИ ИМА НАСЕКАДЕ
Сопствениците на куќи, но и преостанатите реагираат дека изминатиот период, низ дворовите и јавните површини на големо можат да се забележат мали црвчиња замотани во кругче, од кои иако нема никаква штета, сепак не се пријатни за гледање.
– Имам инвазија на црви, стоногалки или што и да се овие суштества во дворот. Не знам како да ги отстранам. Имам мали деца, кои воопшто не се плашат од нив, ги земаат со раце и играат и се плашам дека можат да ги стават во уста. Сепак станува збор за црви и не би сакала да бидат во близината на моите деца. Иако е природна работа, штом излегле значи има зошто излегле, но ги имам по ѕидовите, по дворот, залепени се буквално насекаде. Кога ќе се замотаат во круг, многу е тешко да се изметат со метла, бидејќи како да се залепени за бетонот и многу е тешко да се отстранат – вели Бисера Трајановска.
Дека вакви животинки има насекаде низ градот потврдуваат и жителите на Лисиче, Пржино, Драчево, Чаир, Ченто… Велат дека со ништо не можат да се спасат од стоногалките.
– Нема никаков спас. Едни ќе тргнам, други ќе дојдат – вели Катерина Смилјановска.
Постарите, пак, велат дека секоја година се појавуваат во овој период кога е зголемена влажноста на времето.
– Ова не е ниту прв ниту последен пат да се појавуваат. Уште кога бев мала паметам дека овој период низ дворот ги имавме. Нормална и сосема природна појава. Тоа што нам ни пречат, не значи дека не треба да ги има. Сепак, не сме само ние жители на земјата, нели? – вели Софче Митевска.
ЗГОЛЕМЕНАТА ВЛАГА ПРИЧИНА ЗА ПОЈАВАТА
Малите црвчиња што изминатиот период се појавија во дворовите на скопјани се еден вид стоногалки, кои, според науката, се појавуваат на влажни места, на места каде што има зеленило, места што задржуваат влага, паднати и скапани лисја, овошје и зеленчук.
Сепак, ако се земе предвид дека пред неколку дена во Скопје имаше значително зголемени врнежи од дожд, а и претстојната временска прогноза покажува дека допрва ни следуваат врнежливи денови, овие видови стоногалки сѐ почесто ќе се забележуваат на јавните површини.
Експертите велат дека станува збор за стоногалки, кои вообичаено се појавуваат овој период поради влагата и органското распаѓање на лисјата.
– Излегуваат од почвата и од под камењата. Поради тврдата обвивка на телото, употребата на биоцифи за нивна контрола не е многу успешна, затоа препорачуваме механичко отстранување (метење) и одржување на парковите (чистење со гребло и косење) – вели Николина Соколовска, медицински ентомолог и шефица во Службата за дератизација, дезинсекција и дезинфекција при Центарот за јавно здравје – Скопје.
Во науката се познати под името „милипеди“, а најмногу ги има во градините и зелените површини. Тие се безопасни, па дури и можат да имаат позитивно дејство доколку ги има во градината, затоа што ги јадат мртвите билки и помалите инсекти што се штетни за билките.
Сепак, голем број од овие животинки, можат да бидат голем проблем. Иако живеат надвор, сепак може да се случи да направат инвазија и во затворен простор, најчесто на места каде што има влага, па така може да се најдат и во гаражи, подруми, но и во соби доколку има зголемено количество влага.
Од своите живеалишта излегуваат доколку се поплават или станат премногу суви, па врнежливото време од пред неколку дена и зголемената влага во почвата, може да е и причината за нивната инвазија во Скопје.
Поискусните велат дека е најдобро да се изметат и да се дислоцираат, а за да не навлезат во домовите, најдобро е да се користи средство против штетници и инсекти или пестициди, кои кај многумина се покажале како решение за овој проблем.
КОЈ Е НАДЛЕЖЕН?
Градските власти велат дека во нивна надлежност се само и исклучиво комарците.
– Во согласност со законските надлежности, наша обврска е само прскањето против комарци, кое Град Скопје го врши секоја година. Општините во Скопје се задолжени за извршување дератизација и за повеќе информации треба да се обратите кај нив – информираа од Градот.
Од Општинa Аеродром велат дека дезинсекцијата е во надлежност на Град Скопје, од каде што имаат повеќе детали околу појавата на инсекти. Оттаму додаваат и дека во соработка со Центарот за јавно здравје спроведуваат редовни пролетни и есенски дератизации на територија на целата општина.
– Периодов се спроведува редовната есенска дератизација, која опфаќа три илјади шахти со девет илјади мамки, а се вклучени и сите основни училишта и градинки во Општината – велат од Аеродром.
Од Карпош, пак, велат дека ваквата појава на праволиниски црви е периодична и е појава што се јавува секоја година. Со текот на времето, ваквите инсекти се повлекуваат сами.
– Се појавуваат најчесто на места каде што има вегетација, односно дрвја и трева. Општина Карпош се справува на тој начин што на јавните институции што се под нејзина надлежност, како градинки, основни училишта се интервенира (се прска со средства) по пријава од институциите, но неретко, инцидентно, може да се интервенира и на јавни површини на територија на општина Карпош – велат од Карпош.
Оттаму додаваат дека дератизацијата не ја спречува појавата на црвите и потенцираат дека таа се прави исклучиво против појава на стаорци.
– Општина Карпош на својата територија спроведува дератизација двапати годишно, наесен и напролет. Во тек е есенската дератизација, односно веќе е започната, односно трае околу еден месец, во кој треба да се дератизираат околу 5.000 шахти – велат од Карпош.