Фото: Горазд Ковачич

Македонското потекло на словенечка парламентарка на удар од квазиевропската јавност

Димензијата на македонско-бугарскиот спор поврзан со негирање на историските факти и сведоштва од страна на официјална Софија, нивните крајно радикални и негаторски ставови кон македонската нација и кон индивидуалните национални чувства на Македонците, одамна ги минаа границите на двете земји. Ирационално наметнатиот спор е проширен многу подалеку и е распространет и испреплетен во регионот и институциите на државите на Балканот и на Европа, па дури и кај луѓето како индивидуи, компликувајќи ги судбините на поединци со македонско потекло и корени. Меѓутоа, нивното чувство за правда, вистинољубивост, храброст и, секако, патриотизам внесува една нова надеж дека правдината и фактите ќе допрат до вистинското место и ќе ги осветлат најтемните дамари на опскурните политички моќници. Сѐ почесто сме сведоци за личности со висок професионален, етички и морален кредибилитет, со македонско потекло и корени, кои се горди да го истакнат тоа, непоколебливо борејќи се на сите начини патриотизмот, кој длабоко го чувствуваат, да го презентираат низ примери на вистина, факти и сведоштва пред европската и светската јавност, давајќи свој придонес во мозаикот на цивилизациската вистина за македонската нација.
Имено, еден таков пример е случајот со словенечката европратеничка Ирена Јовева, која честопати знае да ги искритикува бугарските власти за неразбирливата, неоснована, нецивилизациска и недемократска блокада врз нашата земја. Но истовремено, таа како политичарка е напаѓана во словенечката јавност дека премногу ги истакнува македонските корени, иако и самата укажувала дека нејзиното семејство има и македонски и бугарски врски.
Јанева е една од шесте словенечки пратеници во Европарламентот и потекнува од редовите на партијата Листа на Марјан Шарец (ЛМШ).

Тоа што го прави Бугарија е неприфатливо, срамно и тажно

Во ексклузивна изјава за „Нова Македонија“, словенечката европратеничка Ирена Јовева потенцира дека за неа е неприфатлива бугарската блокада врз Македонија за членство во Европската Унија.
– Кога говорам на оваа тема секогаш го повторувам овој мој став безброј пати. Мислам дека Унијата мора да го исполни своето ветување, а тоа што го прави Бугарија во моментов е неприфатливо, срамно и тажно – вели Јовева.
Според неа, причините за овој чин се исклучиво за добивање евтини политички поени на националните избори во земјата и ништо повеќе.
– Неприфатливо е преговорите да се користат за решавање на билатералните проблеми меѓу двете земји. Такви проблеми се решаваат на начин како што самиот збор кажува, билатерално. Не е фер граѓаните да страдаат и да им се запира напредокот поради собирање политички поени – вели европратеничката.
Во делот на обвинувањата во Словенија поврзани со нејзиното етничко потекло и политичка активност, Јовева вели дека е точно дека сѐ и сешто може да се прочита за неа во тамошните медиуми.
– Да, има сѐ и сешто може да се прочита за мене поради моето потекло, особено на Твитер. Да не ги истакнувам навредите, бидејќи не е вредно да им правам реклама, ама на пример луѓето ми пишуваат „врати се од кај што си дојдена“. Не знаат дека тоа значи да се вратам во Љубљана или во родниот град Крањ, кој исто така се наоѓа во Словенија. Таквите луѓе се сметаат себеси за најголеми патриоти, а во суштина се спротивното. Кажете ми дали навистина е патриот некој што го докажува тоа со омраза кон другите? – вели Јовева.
Словенечката политичарка додава дека од личен аспект не им придава значење на овие навреди.
– Горда сум на своето потекло, а не сум ни прва ни последна што е жртва на говор на омраза. Иако добивам десетици навредливи коментари на лично ниво на сите мои објави, тие во суштина немаат никаква врска со содржината на објавата, па токму поради тоа нема да престанам да објавувам – вели таа.
Јовева подвлекува дека една од нејзините клучни должности како европратеничка е да ги информира луѓето што ги преставува и што се случува во европската политика.
– Не ме болат тие коментари од лична гледна точка. Сепак, тие ме повредуваат во однос на тоа во што се претвори политиката кај нас во Словенија, особено во последната година и половина, која е недостоинствена и не е за никаков пример – заклучува Јовева.

Спротивставени тези

Словенечката европратеничка Јовева неодамна беше цел и на навреди на социјалните мрежи и на веб-порталите поврзани со владејачката партија во Словенија, СДС на Јанез Јанша. Во тамошната јавност таа е напаѓана од лица симпатизери на владејачката партија, поради нејзиното пренагласено македонско потекло, наспроти фактот дека е државјанка на Словенија. Овие информации на прес-конференција ги соопшти матичната партија на Јовева – Листата на Марјан Шарец (ЛМШ).
Како што објави словенечката државна агенција СТА, а пренесоа другите словенечки медиуми, за навредите Јовева коментирала во медиумите, но и на нејзиниот фејсбук-профил, истакнувајќи дека не ѝ пречат личните навреди, колку што е загрижена за нивото на кое се наоѓа словенечката политика.
Партијата ЛМШ на оваа тема соопшти дека Јовева на социјалните мрежи била цел на системски навреди и вознемирување од страна на некои партиски медиуми и поединци поврзани со партијата на Јанша. Притоа го посочуваат текстот објавен во телевизиски прилог и на порталот Нова 24ТВ, а кој се фокусира на нејзиното потекло, насловен „Лицемерството на македонската европратеничка Јовева“.
– Јовева е родена во Словенија, стана европратеничка во Словенија и беше избрана во Словенија. Нејзиното потекло, на кое е особено горда, е нејзина лична работа и нешто што не спаѓа во политичкиот дискурс на Словенија во 21 век – соопштија од партија ЛМШ.
Опозициската партија го повика и премиерот Јанез Јанша кој е лидер на СДС, која, пак, е косопственик на Нова 24ТВ, да обезбеди „неговиот портал да престане да објавува навредливи, националистички и расистички написи, кои ја ставаат Словенија на неславната мапа на државите каде што владеат партии што систематски шират нетрпеливост, говор на омраза и национализам, што трагично ја обележаа историјата на Европа во 20 век“.
Спротивно од овие напади за нејзиното македонско потекло, пак, во медиумите Јовева има изјава со спротивна конотација, во која на повеќе пати истакнала дека влече корени од двата идентитета во македонско-бугарскиот спор.
– Јас сум жив доказ дека постојат двата народа, двата идентитета и двата јазика, бидејќи покрај македонското имам и бугарско потекло по татко ми. Еднаш еден колега од Бугарија, ми кажа: „Ама Ирена, ти не си од два народа, ти си од еден народ“. Јас му одговорив: „Јас не сум од еден, јас сум од два народа. И да знаете дека никогаш нема да премолчам на такви нешта и секогаш ќе кажам што мислам. Никогаш!“ – изјавила пратеничката.
Таа во едно од интервјуата за словенечките медиуми додава и дека не можат да се користат неправедни аргументи.
– Не можат да се користат неправедни аргументи. Иднината е важна. Значи не може никој да одлучува наместо мене за мојот идентитет. Кој сум јас и што сум јас. Не може. Како што веќе реков, зголемувањето на национализмите и историските прашања тука никому нема да му помогнат, ни на едните ни на другите – поентирала таа.


Словенечките партии се единствени кога е во прашање Македонија

Во обид да добиеме поцелосна слика за актуелните состојби на словенечката политичка сцена, од аспект на случувањата поврзани со европратеничката Јовева, контактиравме со Лидија Минанова Кустербајн, љубљанската новинарка со македонско потекло. Колешката Минанова, во свој осврт на случувањата, констатира дека сите словенечки политичари без разлика на нивното етничко потекло во телата на Европската Унија ги застапуваат официјалните ставови само на Словенија. Таа подвлекува дека никаков исклучок од ова правило не се ни политичарите во Словенија што водат корени и потекло од Македонија.
– Но исто така, мора да се истакне дека во суштина она што е заедничко за целата политичка елита во земјата е дека тие имаат заеднички став кога се говори за Македонија. Сите словенечки партии во земјата или во европарламентот се согласни дека Македонија заслужува членство во ЕУ и правецот за тоа не треба да биде неправедно блокиран од други држави, кои се исто така членки на Унијата – заклучува новинарката.

[email protected]