По настаните што ја обележија поновата историја, некои познавачи тврдат дека западните сили можеби ќе успееја во своите намери доколку само излезеа од бункерите и се ангажираа повеќе во контактот со локалните групи на население. Други тврдат дека, во отсуство на граѓански навики и култура на соработка што ги бара една функционална држава, сите напори за градење една нација во проблематичните региони се предодредени да пропаднат. Меѓутоа, двете тврдења се неточни, ако не и погрешни.
Прв пример против тезата на скептиците е дека нациите се веќе изградени, и тоа не само во хомогени општества како Јапонија или Скандинавија. Индија изгради жива демократија и покрај сериозните поделби, територијалната големина слична на континент и мноштвото јазици и етникуми. Бразил има силен национален идентитет и функционални демократски институции и покрај силната нееднаквост во приходите и длабоките регионални и етнички поделби. САД успеаја да ја изградат државата по граѓанската војна и дадените жртви.
Но тие три примери се исто така главни аргументи во случајот против претераните оптимисти, односно дека градењето нација не е задача за странците. Би било многу тешко да се најде соодветен историски пример за функционална и кохезивна национална држава што настанала од другата страна на пиштолот. Махатма Ганди, Абрахам Линколн и бразилските демократи како Фернандо Енрике Кардосо не беа само локални жители туку тие изградија локални симболи и практики на заеднички вредности.
Еволуцијата на човечката соработка може да ни помогне да разбереме како успешно се гради една нација. Еволуцијата ги поврзува луѓето за одредени видови соработка. Еден ловец што не соработува одблиску со другите негови колеги, ризикува да настрада од диво животно. Но не сме секогаш добри во соработката со сите. Покрај солидарноста со членовите на ловечката група, се јавува и непријателство кон оние што сакаат да дојдат до „нивниот“ плен.
Градењето на нацијата се сведува на „проширување на кругот“ на морална грижа (фраза на филозофот Питер Сингер). Успешните држави нации, без разлика дали се големи или мали, богати или сиромашни, имаат едно нешто заедничко, а тоа е чувството на граѓаните за заедничко минато и иднина. Без разлика колку сме различни, некои ваши грижи се и мои грижи.
Поделбата на „ние против нив“ доаѓа од нашата интуиција или она што филозофите го нарекуваат „евристика“, односно правила за донесување одлуки што се развиле за да можеме да одлучиме во еден момент дали човекот пред нас е пријател или непријател. Оваа интуиција произлегува од нашето сопствено искуство, од она што нè научиле нашите родители и што сме извлекле од однесувањето на роднините и на соседите. И тие, исто така, ја стекнале својата интуиција од комбинација на искуството и имитацијата.
Ако нашата интуиција доаѓа од искуството и учењето, тогаш таа може да се развие. Понекогаш, културите и верувањата се развиваат многу бавно. Политикологот од Харвард, Роберт Патнам, во 1993 година шпекулираше дека повисоките нивоа на „општествен капитал“, вклучувајќи доверба во другите и подготвеност да се приклучат на добротворни организации, во побогатата и поразвиена северна Италија, за разлика од јужна Италија, одразуваат контрастни политички искуства во минатото, додека некои италијански градови држави станаа независни. Во друга студија беа споредени 400 италијански града и беше откриена силна и позитивна статистичка врска помеѓу мерките на општествениот капитал денес и статусот на градовите, без разлика дали биле слободни или не во средновековниот период.
Ова не значи дека мора да чекаме милениуми додека не се развијат нашите морални и културни интуиции. Културата може брзо да се промени. Да ги земеме предвид сфаќањата за правичноста. Некои луѓе пораснаа слушајќи дека напорната работа се исплати и почнаа да веруваат во тоа, додека други веруваат дека успехот се должи на добрата среќа или добрите контакти. Дали сме заглавени со такви верувања без оглед што и да се случи? Очигледно не. Растењето за време на рецесија прави голема разлика. Гледањето како многу вредни луѓе ја губат работата прави луѓето да бидат повеќе склони да веруваат дека резултатите одразуваат богатство, а не напор.
Најважната, морална и политичка еволуција се случува не само случајно туку и намерно. Водството и политиката, сепак, играат улога. Тед Мигел од универзитетот „Беркли“ во Калифорнија откри дека овие спротивни пристапи влијаат врз вредностите и резултатите во земјите како Кенија и Танзанија. Етнички разновидните заедници успеваат да се управуваат подобро во Танзанија отколку во Кенија. Во подолги временски периоди, стапките на економскиот раст на Танзанија беа значително побрзи од оние во Кенија.
Чувството за национална припадност зависи од симболите и заедничките ритуали исто колку и од политиките. Лидерите може да ги применат очекувањата на граѓаните и да изградат доверба. Ганди го замени формалниот адвокатски костум со обична бела облека и го поведе маршот од 386 километри до морето за да прави сол. Нелсон Мандела го облече дресот на јужноафриканската рагбистичка репрезентација, која историски се состоеше само од белци, а 65.000 навивачи го скандираа неговото име. Така, една нова демократска нација се обедини под знамето на еднаквоста и меѓусебното почитување.
Тогаш, скептиците не се во право. Нациите намерно беа изградени во минатото, а така ќе биде и повторно. Но задачата е многу посуптилна, тешка и одзема повеќе време отколку што некогаш претпоставуваа наивните странски оптимисти.
Андрес Веласко е декан на Школата за јавна политика на Лондонската школа за економија и политички науки, додека Аднан Кан е академски директор на Школата за јавна политика на Лондонската школа за економија и политички науки