Секој добро организиран ден претставува чекор кон подобар живот. Секој добар ден е услов за добар живот. Затоа, ајде да го креираме секој наш ден, за животот да ни биде како сон
„Еден совет, пријателе: не чекај го судниот ден. Секој ден е оној судниот“, Албер Ками
Насекаде важи она „живееш само еднаш“. Јас, пак, мислам дека само еднаш умираш, но живееш секој ден. И токму затоа сметам дека она што го правиме секој ден го одредува нашиот целокупен живот.
Секој добро организиран ден претставува чекор кон подобар живот. Секој добар ден е услов за добар живот. Затоа, ајде да го креираме секој наш ден, за животот да ни биде како сон.
Уште како деца сакавме играчки, па истото тоа продолжи и подоцна. Купуваме авиони, камиони и телефони за да бидеме среќни, а не сме ни свесни дека највредната направа, најдобрата играчка, всушност е нашиот мозок. Мозокот е играчка што ја поседуваме откако знаеме за себе, но исто така, тоа е играчката што најмногу ја запоставивме. Затоа ајде малку да си се посветиме себеси и на нашиот мозок. Ајде малку да ја негуваме нашата најскапоцена играчка.
– Секој ден внесувајте здрави намирници што се корисни за работа на вашата глава. Како што на вашето тело му требаат одредени намирници, така и работата на вашиот мозок зависи од тоа што консумирате на дневно ниво. Некои од намирниците што влијаат добро на мозокот се авокадото, боровинките, оревите, црното чоколадо и маслото од кокос.
– Љубовта е најдобрата храна и затоа треба да ја консумирате секој ден. Некои истражувања покажаа дека бебето што не добива доволно љубов може да умре. Мислам дека истото тоа се случува и со нашиот мозок. Затоа секој ден правете го она што го сакате и дружете се со луѓето што ги сакате.
– Секојдневно бидете на воздух и тренирајте. За добро функционирање на мозокот кислородот е неопходен.
– Затоа шетајте секој ден, трчајте во паркот и тренирајте на свеж воздух. Физичката активност и свежиот воздух се неопходни за добро функционирање на организмот.
– Информацијата е најдобрата занимација. За да живее подолго и за да работи подобро, на мозокот му е потребна активност. Секој ден дознајте нешто што не сте го знаеле порано, направете нешто ново и поинакво, ширете ги своите хоризонти и поместувајте ги границите.
Секој ден нека ви биде забавен.