Комисијата за заразни болести ја следи епидемиолошката состојба во Тетово и е во комуникација со локалниот центар за јавно здравје по зголемувањето на бројот на заразени со ковид-19, соопшти Министерството за здравство.
Според првичните информации, зголемениот број случаи доаѓаат од два познати кластери. Првиот кластер е од свадба, а вториот е повеќечлено семејство кое исто така било на мала семејна прослава. Она што загрижува и со што се соочиле здравствените работници е што некои од ковид позитивните пациенти не давале точни податоци и информации за контакти, како би можело да се спречи создавање на кластери околу двата постоечки.
Министерството за здравство апелира, граѓаните да соработуваат со епидемиолозите, одбивањето на соработка од страна на пациентите, прави потешкотии во спроведувањето на епидемиолошките анкети, а тоа може да доведе до голем број заразени.
– Засега радува фактот што од 65 активни случаи во Тетово, само 12 се со симптоми и нема хоспитализирани во ковид центарот во КБ Тетово.
Досега не е детектиран делта-сојот, а кај лицата кај кои беше секвенциониран бразилскиот сој се ковид позитивни од јуни – соопшти министерството.
И покрај мирната епидемилошка состојба во земјава, од Министерство за здравство апелираат граѓаните да бидат исклучително внимателни и да ги почитуваат протоколите и мерките за заштита на здравјето.
– Одржување лична хигиена на раце, држењето дистанца, носење маска е нешто што треба да биде лична одговорност на секого од нас. Апелираме дека мерките може да се променат и да се воведат рестрикиции ако епидемиолошката состојба го наложи тоа. Министерството за здравство укажува на важноста на вакцинацијата, што поголем број вакцинирани, значи побрзо создавање колективен имунитет, а тоа е клучно да се победи ковид пандемијата – порачуваат од министерството.