По едногодишна пауза, најголемиот електронски фестивалски бренд на Македонија, „Охрид колинг“ се враќа назад на вашето омилено место, Касарна – Охрид. На 31 јули, на првиот фестивалски ден, хедлајнери ќе бидат експлозивните девојки „Нерво“, дуо веќе добро познато на македонската публика. Првпат во Македонија настапува и диџеј-дуото „Винаи“, добро познато по хитовите „Rise Up“, „How We Party“ и др., и секако по своите спектакуларни диџеј-сетови. Пред „Винаи“ е едно од најголемите регионални и светски диџеј-дуа „Ванилаз“, кое доаѓа од Словенија, а првата фестивалска вечер ќе ја отвори младата и надежна диџејка Јана Слај.
На втората фестивалска вечер, на 1 август, хедлајнер ќе биде „Регард“, во моментов веројатно најактуелниот светски диџеј чии хитови „Ride It“, „Secrets“, „You“ се толку многу заразни, за што доказ е фактот дека за брзо ги покори сите светски топ-листи. Пред него ќе настапат и веројатно најдобрите забавувачи во диџеј-индустријата, Диџеј фром Марс. Посебната специфика на оваа вечер ја даваат „Сенидах“ и Сара-Јо – сигурно едни од најголемите ѕвезди на балканската аренби и трап-сцена, кои за првпат доаѓаат во Охрид по настапите на фестивали како „Егзит“ и „Си денс“. Загревањето за оваа вечер ќе му биде доделено на младиот диџеј Деловски.
Последната фестивалска вечер, одбрана намерно да биде на 2 август, на големиот празник Илинден, ќе има сет на спектакуларното диџеј-дуо „Санери Џејмс анд Рајан Марчиано“. Пред нив ќе настапи диџеј-дуото „Офенбах“, на сите добро познато по своите екстремно големи хитови, како „Wasted Love“, „Be Mine“, „Paradise“ и уште многу други. Пред нив, првата интернационална ѕвезда таа вечер ќе биде хитмејкерот Махмут Орхан, кој на сцената ќе настапи со специјален диџеј-сет. Вечерта ќе ја отвори младиот и надежен диџеј Крис Џеј.