Фестивалот „Егзит“ на своите веб-страници ги објави официјалните процедури за влез на посетителите на годинешното издание на фестивалот. Според предвидените протоколи, влезот на тврдината од 8 до 11 јули за сите посетители ќе биде ограничен на неколку начини. Иако за влез од Македонија во Србија не се потребни никакви дополнителни документи освен документот за лична идентификација, за влез на фестивалот, сепак, ќе биде потребен доказ за вакцинација или негативен антигенски тест.
Четиридневната влезница треба да се замени за фестивалска белезица. За оваа цел, посетителите од Македонија на заменските места треба да покажат сертификат за целосна вакцинација или потврда дека прележале ковид-19, или испечатен дигитален зелен сертификат (доколку се вакцинирале во Србија).
За сите оние што купиле влезница а не се вакцинирани, „Егзит“ овозможи бесплатен брз антигенски тест. За пристап до тестирањето е потребно да ги покажете валидната четиридневна влезница и личниот документ. Тестирањето ќе се врши во Хала 1 на Новосадскиот саем, од среда (7 јули) до недела (11 јули), од 10 до 18 часот. Доколку резултатот е негативен, на истото место се презема и фестивалската белезица.
Доколку некој од посетителите не стигне на бесплатно тестирање на саемот или има влезница за „Егзит“ добиена на наградна игра, во соработка со лабораториите „Аквалаб“ и „Медлаб“, има договорено тестирање по повластени цени.
Инаку, големата прослава на 20-годишнината на „Егзит“ ќе биде одржана од 8 до 11 јули на Петроварадинската тврдина, а своите настапи веќе ги потврдија некои од најголемите светски и регионални имиња, како што се: Дејвид Гета, Диџеј Снејк, „Сабатон“, Нина Кравиц, Џонас Блу, Пол Калкбренер, Тајга, Соломун, Амели Ленс, Масео Плекс, Денис Султа, Диџеј Топик, Робин Шулц, Асаф Авидан, Сатори, Борис Брејча, Хани Дижон, „Хот Синс 82“, „Медуза“, Пол ван Дајк, „Артбат“, Шек Вес, „Лајбах“, Амира Медуњанин, „Хладно пиво“, Рундек и „Екипа“, Сенида, „Ван Гог“, Војко В, „Буч Кесиди“ и многу други.