Новозеланѓанката Лорен Хјубард е првата трансродова личност некогаш избрана да се натпреварува на Олимписките игри. Официјалните лица ја избраа за женска екипа за кревање тегови за Токио 2020 година, откако претходно беа променети условите за квалификации.
Таа се натпреваруваше во машките дисциплини пред да објави во 2013 година дека е трансродова личност. Критичарите велат дека Хјубард има нефер предност, но други се залагаат за поголемо вклучување на трансродовите луѓе на Олимписките игри.
– Благодарна сум и трогната од љубезноста и поддршката што ја даваа многу жители на Нов Зеланд – рече Хјубард.
Таа ќе се натпреварува во категорија кревање тегови до 87 килограми. Четириесет и тригодишната Хјубард се квалификуваше за Олимписките игри кога Меѓународниот олимписки комитет (МОК) ги смени правилата во 2015 година, кои им овозможуваат на трансродовите спортисти да се натпреваруваат во женски категории доколку нивото на тестостерон е под одреден праг.

Иако нивото на тестостерон на спортистката е под тој праг, критичарите велат дека нејзиното учество на Олимписките игри сè уште е нефер за спортистите родени како жени. Тие укажаа на биолошките придобивки на оние што поминале низ пубертет како мажи, како што се зголемената густина на коските и мускулите.
Минатиот месец, белгиската кревачка на тегови Ана Ванбелинген, која се натпреварува во истата категорија, рече дека ќе биде неправедно за Хјубард да се натпреварува во Токио. Таа рече дека, иако целосно ја поддржува трансродовата заедница, принципот на вклучување не треба да биде „на штета на другите“.
Сепак, Владата на Нов Зеланд и највисокото спортско тело во земјата го поддржаа учеството на Хјубард на Олимписките игри.
– Покрај тоа што беше најдобра во светот, Лорел ги исполни и критериумите за ИВФ, вклучувајќи ги и оние засновани на упатствата на Декларацијата за консензус на МОК за трансродовите спортисти. Признаваме дека родовиот идентитет во спортот е исклучително чувствително и сложено прашање што бара рамнотежа меѓу човековите права и правичност на теренот. Како тим од Нов Зеланд, имаме силна култура на гостопримство и почит кон сите – изјави извршната директорка на Олимпискиот комитет на Нов Зеланд, Каран Смит.