ФУДБАЛ
Македонија загуби од Австрија со 1-3, во меч во кој Горан Пандев стана вториот највозрасен фудбалер што постигнал гол во историјата на европските првенства. За Македонија следува натпреварот од второто коло со Украина, задутре (15 часот), исто така, во Букурешт
Горд сум на моите играчи, кои се квалификуваа за ова Европско првенство. Функциониравме добро, имаше моменти кога имавме посед и контрола на ситуацијата. Клучен беше вториот гол на Австрија, но нема простор за разочарување, имаме уште два меча. Треба да се подобриме за да не ги повториме грешките што ги направивме. Немам зборови да ја опишам атмосферата што ја создадоа нашите навивачи. Се надевам дека ќе можеме да ги наградиме со добар резултат на следниот натпревар, изјави селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Игор Ангеловски, откако Македонија претрпи пораз на првиот меч на фудбалското Европско првенство (ЕП) 2020, од Австрија со 1-3, во Букурешт.
Капитенот на македонската фудбалска репрезентација, ветеранот Горан Пандев, кој го постигна историскиот гол во баражот против Грузија за пласман на ЕП 2020, го постигна и првиот гол за Македонија на европските првенства, вкупно 38., на 120-от репрезентативен меч. Покрај постигнатиот гол, Македонија имаше неколку ветувачки контри и шанси.
– Прв меч на ЕП, ова е големо искуство за сите нас. Одигравме одлични осумдесетина минути, имавме и неколку контри што требаше подобро да ги искористиме, но таков е фудбалот, потоа примивме несреќен гол и мечот беше решен – изјави Пандев по мечот.
Пандев влезе во аналите на европските шампионати и како втор највозрасен стрелец, на 37 години и 321 ден. Рекордер во оваа категорија е Австриецот Ивица Вастиќ, кој на возраст од 38 години и 257 дена постигна гол од пенал на дуелот со Полска (1-1) на ЕП 2008. Статистиката на Европската фудбалска унија (УЕФА) вели дека само осум други фудбалери што се на ова ЕП имаат повеќе настапи за својата земја од Пандев.
За Македонија на првиот меч на ЕП играа Столе Димитриевски, Стефан Ристовски, Дарко Велковски, Висар Муслиу (од 86. минута Милан Ристовски), Бобан Николов (од 63. минута Егзон Бејтулаи), Енис Барди (од 82. минута Иван Тричковски), Аријан Адеми, Елиф Елмас, Езгјан Алиоски, Горан Пандев, Александар Трајковски (од 63. минута Тихомир Костадинов).
Ова беше трет пораз по ред на Македонија од Австрија, по двата во квалификациите за ЕП 2020 (1-4 и 1-2). Австрија ја прокнижи првата победа на седмиот натпревар на континенталните првенства. Во вториот меч од групата Ц на ЕП 2020, Холандија ја победи Украина со 3-2. Во осминафиналето на континенталното првенство ќе се пласираат првите две репрезентации од секоја од шесте групи и четири најдобри меѓу третопласираните. За Македонија следува мечот од второто коло со Украина, задутре (15 часот), исто така, во Букурешт.
Грегорич е стрелец на 700-от гол на европските првенства
Вториот гол на Австрија што го постигна Михаел Грегорич, беше 700-ти на финалните турнири на фудбалските европски првенства (ЕП). Првиот го постигна Милан Галиќ на мечот СФР Југославија – Франција (5-4) на ЕП 1960. Требаше да поминат 24 години, до ЕП 1984 и до 100-от гол на Ален Жирес на мечот Франција – Белгија (5-0). Потоа следуваат Данецот Ким Вилфорт, кој на натпреварот Данска – Германија на ЕП 1992 го постигна 200-от гол. Златко Захович беше стрелец на 300-от гол на средбата Словенија – Шпанија (1-2) на ЕП 2000, Тиери Анри го постигна 400-от на мечот Франција – Швајцарија (3-1) на ЕП 2004, Чави 500-от на средбата Шпанија – Русија (3-0) на ЕП 2008 и Нани голот број 600, на натпреварот Португалија – Исланд (1-1) на ЕП 2016.