На неодамнешната 12-та Јуниорска балканска олимпијада по информатика, што се
одржа во Темишвар, Романија, Благојче освои бронзен медал
Петнаесетгодишниот Благојче Павлески од Прилеп е вистински махер за компјутерско програмирање. Доказ за тоа е освоеното прво место на неодамна одржаниот 18-ти меѓународен натпревар по програмирање „Коуд ИТ“ 2017-2018 година што се одржа во Бугарија. Натпреварот го организира софтверската компанија „Мусала софт“, под покровителство на бугарскиот претседател, Румен Радев.
Марјан Ѓорчев, амбасадор на Македонија во Бугарија, му ја додели наградата на талентираниот ученик.
Второто место го освои Виктор Кожухаров од бугарскиот град Русе, а третото место му припадна на Доријан Лендвај од Поповача, Хрватска.
Благојче Павлески во јуни заврши деветто одделение и беше прогласен за ученик на генерација во своето училиште. За време на неговото основно образование учествувал и освојувал награди на голем број натпревари од областа на математиката, биологијата, физиката, но и на натпревари во спортот и во ликовната уметност.
Тој годинава освои први места на општински и на регионални натпревари, како и втора награда на државен натпревар. Освен тоа, Благојче бил втор на државен натпревар по физика, а неодамна во Темишвар, Романија на 12-та Јуниорска балканска олимпијада по информатика (ЈБОИ 2018), освои бронзен медал.